Со многу песна, игра и моќни пораки за заедништво, ООУ „Братство Единство” го прослави својот патронен празник во преполната сала на Центарот за култура „Григор Прличев“.

Свеченоста, која традиционално се одржува повод 25 Мај – Денот на младоста, братството и единството, годинава помина под симболичниот слоган „Млади гранки на вековниот чинар“.

На сцената се обединија учениците од трите наставни јазици: македонски, албански и турски, покажувајќи го во полн сјај мултиетничкиот хор, чии моќни детски гласови и соло-изведби ја воодушевија публиката.

Преку безвременските зборови на Кузман Шапкарев, Ласгуш Порадеци и Евлија Џелебија, учениците на впечатлив начин го оживеаја богатото минато поврзано со Охрид и охридскиот многувековен чинар.

Прославата беше заокружена со звуците и играта на староградска музика, со што младите уште еднаш докажаа дека јазикот на музиката е универзален, ги урива сите бариери и силно ги обединува луѓето.

OhridNews