Професори, пријатели, соработници и колеги присустуваа на комеморацијата што по повод смртта на проф. д-р Науме Радически се одржа попладенево во неговото родно место, селото Мешеишта.

На комеморативната седница оддржана од страна на Здружението за наука, уметност и култура „Хоризонти 12“, во чест на Радически свое излагање имаше професор д-р Стојан Ристески.

Професор д-р Науме Радически долго време преземаше зафати, за во мај 2014, да не собере на промоција на зборник на трудови во издание на ЗНУК „Хоризонти 12“. Наместо тоа, ние се собравме да му оддадеме последна почит во знак на благодарност за се што стори за Здружението, родното Мешеишта, како и за македонската национална и културна историја.“ – рече Ристески.

Говорејќи за творештво и придонесот на професорот Радически како значајно литературно име во Република Македонија, Ристески потенцира дека тој зад себе оставил разновидни дела за кои допрва ќе се говори.

Беше редок родољуб. Покрај придонесот во уредување на гласилата „Литературен збор“, „Стожер“, и „МИТ“,  значајно остварување му е списанието „Македоника“. Неизбежно треба да се акцентира  неговата неуморна стручно-научна помош на МЛД „Гоце Делчев“ во Сиднеј. Тој беше нивни редовен член, консултант и соработник, за што му  е дадена и спомен-плакета.“ – потенцира Ристески.

Науме Радически роден е на 18 мај 1953 година во с. Мешеишта, Охридско. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Доктор по филолошки науки и професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на книгите: Постоења и мотиви (поезија, 1975), Критички интерпретации на младата македонска литература (критики и есеи, 1983), Светол тажен вик (поезија, 1984), Контрасти (поезија, 1992), Релации и континуитет (литературни студии, 1996), Метаморфоза (критики, 1999).

Добитник е на наградата на Културно-просветната заедница на Македонија.

OhridNews