Со прелиминарните испитувањата на староста на Охридското Езеро што заеднички ги вршат експерти од Германија и Македонија откриени се сегменти стари 130.000 години. Дополнителните испитувања што ќе започнат во 2011 година треба да та ја утврдат точната старост на Охридксото Езеро.

Проектот за испитување на староста на Охридското Езеро кој ќе стартува за две години го нарековме „Скопско“ по нашето пиво и тој треба да открие кога е родено Охридското Езеро, ни изјави Гоце Костоски, директор на Хидробиолошкиот институт од Охрид. Проектот ќе чини околу 3 милиони евра, а во него ќе партиципира и Владата на Република Македонија, посочи Костоски.


Гоце Костоски

Тој истакна дека со претстојниот голем проект треба да се стигне многу милиони години наназад.

– Охридското Езеро датира од перидот на младиот плиоцен пред 2 и 5 милиони години кога настанале мекотелите како живи форми. До каде ќе одиме со истражувања и колку точно ќе ја одредиме староста на Охридското Езеро, ќе кажат деталните испитувања, додаде Костоски..

Она што најмногу ги фасцинира научниците е изобилството на ендемични видови кои во Охридското Езеро ги има преку 200, а голем дел од нив вообичаено на други места се среќаваат само во фосилна форма.

-Тоа се должи на географската положба на езерото, во неговата длабочина и пред се на фактот што тоа  долг период било еколошки стабилно, што придонело голем број на прастари видови да најдат прибежиште во Охридското Езеро за време на ледниците. Но исто така тоа се должи и на богатите извори, бидејќи во светот нема ниту едно друго езеро кое се снабдува со свежа изворска вода, како што е тоа со Охридското Езеро, објаснува Костоски.


Околу 70 експерти деновиве во Охрид  учествуваа на научната конференција посветена на специјацијата на нови животни форми во прастарите езера СИАЛ 5. Како што не информираше д-р Сашо Трајановски, во рамки на конференцијата Хидробиолошкиот завод од Охрид потпиша  договор за соработка со националниот музеј на префектурата  Шига – Јапонија за изградба на музеј во кој ќе биде претставен целокупниот жив ендемски свет кој се среќава во Охрисксото Езеро. На конференцијата  беше иницирано формирање на интернационална научна мрежа и база на податоци која ќе ги следи промените во прастарите езера, додаде Трајановски.

Ohridnews