Со поголем број студенти , позитивна енергија и желба за стекнување знаења, денес , на Универзитетот за информатички науки и технологија „ Св. Апостол Павле“ свечено започна новата академска 2014/2015 година за студентите запишани во прва година.
Како што истакна ректорот на универзитетот Проф. д- р Нинослав Марина, годинава во двата уписни рока се бележи зголемување на бројот на запишани студенти, како и бројот на странските земји од кои тие доаѓаат.
– Во првите два уписни рока се запишаа 167 студенти, а очекуваме бројот да се зголеми во текот на третиот уписен рок и оваа да биде рекордна година според бројот на запишани студенти. Досега веќе имаме 30% повеќе за разлика од минатата година, изјави проф. Д- р Марина.
Најголем интерес новозапишаните студенти пројавиле за Факултетот за компјутерски науки и инженерство, Факултетот за информациони системи, визуелизација, дигитална мултимедијална и анимациска техника, како и Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност.
Особено значајно е што годинава на универзитетот има голем број на запишани студенти од странски земји. Освен од Македонија, на УИНТ „ Св. Апостол Павле“ ќе студираат и студенти од Африка, Азија, Јужна, Средна и Северна Америка.
– Тоа е многу значајно затоа што Америка како континент е богат со знаење и добри универзитети и сите тие линкови се многу значајни, додава ректорот Марина.
Тој потенцира дека „ Св. Апостол“ продолжува со изработка и примена на нови наставни програми како и вработување на нови квалитетни кадри.
Т.К.