Со низа научни, академски собири, издавање публикаци, спортски, културни и уметнички активности во периодот од мај до декември ќе се одбележи големиот јубилеј, 1000 години од формирањето на Охридската Архиепископија. Централната свеченост е закажана на 27-ми и 28-ми мај во Охрид во катедралната црква Св.Софија.

– Горди сме што централните свечености по повод одбележувањето на 1000 годишнината од основањето на славната Охридска архиепископија, ќе се одржат токму во Охрид, древниот град, кој неслучајно се нарекува Балкански Ерусалим. Посебно место во нашата богата духовна историја има Охридската архиепископија, која освен на македонско тло се простирала и на српска, бугарска и албанска територија, а во тоа време Охрид се развива во центар на православието и културата. На тој цврст темел на Охридската архиепископија е изградена и нашата Македонска православна црква, нашиот духовен светилник и неизбришлив белег на нашиот духовен идентитет, рече на денешната прес конференција по повод одбележувањето на јубилејот, градоначалникт Јован Стојаноски.

Свечената академија, на 27-ми мај во катедралната црква Св. Софија, под покровителство на претседателот Ѓорѓе Иванов, ќе почне во 18.30 часот. Се очекува да присуствува целиот државен и црковен врв.

– Несекојдневно значаен настан со кој одбележуваме еден милениум од постоењето на оваа важна црковна и духовна организација која го обединувала нашиот народ и заедно премостила многу проблеми од тешкото секојдневие во различните временски епохи. Упатуваме повик до сите балкански братски народи да го посетат Охрид и заедно да го прославиме овој настан, рече директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

Во рамки на програмата концерт ќе одржи камерниот оркестар на Македонската филхармонија во придружба на хоровите од братството на манастирот Рајчица и манастирот Св. Јован Бигорски, а присутните ќе имаат можност и да ја видат изложбата на уметнички портрети на македонските архиепископи.

На 28-ми мај, во црквата Св. Софија со почеток во 9 часот ќе се одржи Литургиско чествување на кое ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Иако се упатени покани за присуство до патријархот на Бугарската Православна црква и претседателот на Република Бугарија, засега не е познато дали ќе присуствуваат на настаните во Охрид за одбележувањето на јубилејот.

OhridNews