Од денеска до 30 август Охрид пулсира во знакот на третото издание на спортската манифестација „Ohrid Water Festival“, која ги популаризира водените спортови на Охридското Езеро и ги промовира уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во земјава.
Станува збор за случување што ги спојува водените спортови, убавата музика и гастрономската понуда на ова поднебје. Фестивалот на водата во Охрид со своите две претходни изданија ги оправда очекувањата, доколку се има предвид дека второто издание беше за 80 проценти попосетено и со поголем број натпреварувачи од првата година. За оваа година се очекува бројките да се зголемат за уште 40 проценти, што значи дека веќе со третото издание добиваме сериозен настан, што претставува промоција на потенцијалите на Охридското Езеро и на водените спортови, во комбинација со социјално-едукативната и културна програма што не изостанува, истакна во очи почетокот на манифестацијата градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
Фестивалот започнува на пладне со ревијалниот ватерполо турнир кај Градското пристаниште, каде истиот ден во 17 часот ќе се случи второто издание на Red Bull Педалинка – уникатна трка со педалинки.
Култните педалинки, како “симбол” на едно охридско лето, се дефинитивно дел од секоја дружба и сечија летна приказна. Па, целта и идејата позади овој настан е да се спојат забавата и спортот, преку активирање на тимскиот дух и креативност, со специјален Red Bull осврт – спортски натпревар со педалинки низ Охридското езеро, и тоа во самиот епицентар на Охрид.
Тоа што ја прави оваа трка уникатна е фактот дека учесниците освен што треба да поседуваат тимски дух, спортска интелигенција и натпреварувачки карактер, исто така е потребно да ја разбудат својата креативност и иновативност, бидејќи се многу важен дел од целото искуство, велат организаторите.
Во недела на Градскиот базен ќе се одржи Пливачкиот митинг, како и Меѓународната кајак регата во организација на Клубот „Стрмец“.
Од 18 до 21 август на плажата „Кај Дивоно“ ќе се одржува меѓународен едриличарски тренинг-камп, а на 22 и 23 август ќе се одржи и Меѓународната едриличарска регата.
За 24 август се предвидени Спортскиот риболовен куп, додека за 25. Меѓународна охридска веслачка регата, Меѓународно штафетно нуркање и суп-активности и јога на вода.
На 26 август ќе се одржи 33-километарската маратонска суп-трка што ќе стартува од кај Радожда и Љубаништа, со цел на Градското пристаниште во Охрид.
Манифестацијата содржи и други ревијални активности во едрење, промотивно рекреативно нуркање за деца, културно-едукативни содржини за сите генерации, музички содржини…
Годинашното издание ќе биде заокружено на 30 август со Охридскиот пливачки маратон што ќе се одржува на патеката Свети Наум – Охрид, со учество на познати пливачки имиња.
OhridNews