Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 87 – та седница на чиј дневен ред е Предлог – одлуката за распуштање на собранискиот состав.

Седницата следи откако во саботата Демократската унија за интеграција (ДУИ), поднесе Иницијативата за распуштање на Собранието и ги оствари своите најави дека доколку не биде исполнето нивното барање за консензуален кандидат за претседател на државата ќе бара предвремени парламентарни избори, пренесува „Макфакс“.

Иницијатива за распуштење на Собранието на Република Македонија покренаа пратениците Неџати Јакупи, Али Ахмети, Џеват Адеми, Ирфан Деари, Сузана Салиу, Бехиџудин Шехаби, Недим Рамизи, Рафет Муминовиќ, Ермира Мехмети, Вјолца Мехмети Нуредини, Јулиета Марку, Хајрије Мисими, Реџаиљ Исмаили, Дешира Имери и Хајрула Мисини.

Ваквата иницијатива во саботата ја прифатија и од владејачката ВМРО – ДПМНЕ, со што беше донесена одлука за новиот парламентарен состав да се гласа на 27 април, односно на денот кога ќе се гласа втор круг од претседателските избори.

Опозициските СДСМ и НСДП исто така ја прифатија иницијативата на ДУИ.

Според Уставот, Собранието се распушта доколку за тоа се изјаснат мнозинството од вкупниот број пратеници.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека причината за иницијативата на ДУИ за предвремени парламентарни избори не е неприфаќањето на нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат, туку барањето да добие едно од трите раководни места во државата.

„ВМРО-ДПМНЕ не подлегнува на уцени и закани. Веќе е јасно зошто бараат консензуален кандидат, за да не го добијат, и, како што отворено најавија, да одат на обид за пропаѓање на претседателските избори, а потоа да извршат притисок за промена на Уставот со цел партиите, а не граѓаните, да го бираат претседателот на државата. Но, тоа не е крајната цел. Крајната цел е претпоставката дека ако ВМРО нема 62 пратеници по парламентарните избори, да условат со барање за еден од тројцата – премиер, претседател на Собрание или претседател на држава да биде предложен од редовите на ДУИ”, рече Груевски на Конвенцијата за избор на претседателски кандидат.

Од СДСМ побараа Владата да го реши проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, со почитувањето на роковите за предизборна кампања, како и со медиумското претставување и веднаш да предложи измени на Изборниот законик кој не предвидува решенија за совпаѓање на парламентарните со вториот круг претседателски избори.

OhridNews
извор:„Макфакс“