Со 61 глас „против“ и 40 „за“ Собранието на Република Македонија вчера  ја отфрли интерпелацијата за министерот за финансии Зоран Ставрески, која беше поднесена од пратениците од опозицијата. 

– Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери од почетокот на светеката економска криза, како што цела Европа и другите земји се подготвуваа за неа, се подготвуваме и ние и затоа проекциите подоцна трпат корекции. Ние работиме со проекции кои се во склоп на буџетскиот процес и затоа тие поретко се менуваат. Владата и јас како нејзин член имаме одговорен, реален и трезвен пристап кон ситуацијата. Состојбите во Европа и во регионот се тешки и тие бараат една максимална сериозност. Тоа е показател и за тоа дека и во вакви тешки времиња се остварени позитивни ставки на економски раст, невработеноста не се зголемува за разлика од други земји. Тоа покажува дека Владата и јас лично како нејзин член водиме здрави економски политики, изјави Ставрески.  

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски истакна дека граѓаните и бизнисмените знаат каква е економската состојба во земјата и тонењето на земјата во сиромаштија, безработица и криминал. Ивановски повтори дел од обвинувањата на сметка на министерот за финансии посочувајќи дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ решиле да го „спасат“ Ставрески, кој, според него, е директно одговорен за 36 милиони евра помалку во Буџетот. Пратеникот смета дека тоа се должи на случајот „Детонатор“ во кој беа запленети 1.100 покер апарати кои не се знае како влегле во државата.

За време на вечерашната дискусија пратениците од опозицијата освен забелешките за работата на Ставрески ги поворијат и критиките за економската политика на Владата.

Собранието ќе ја продолжи 34. седница денеска напладне.

OhridNews