Во согласност со уставните и законските одредби, како претседател на Собранието на Република Македонија го потпишав решението за распишување на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11 декември оваа година, информира денес претседателот на Собарнието на Македонија, Трајко Вељаноски.

– Со овој чин, а во согласност со правилата на претставничката демократија, мандатот повторно му го враќаме назад на народот кој, впрочем е единствениот, врховен и најлегитимен авторитет да суди, да оценува и да одлучува која политичка опција треба да ја добие честа, но и обврската да ја води нашата држава. Во меѓувреме, Република Македонија, ќе влезе во еден сложен период на засилена активност на политичките партии, кој, искрено верувам, дека ќе помине во една зрела, достоинствена и одмерена атмосфера чиј врв ќе бидат изборите на 11 декември кога ќе треба во еден празничен изборен дух да бидат избрани народните преставници кои ќе го сочинуваат следниот, деветти состав на македонскиот законодавен дом, рече Вељаноски.

Вељаноски изрази уверување дека и за време на овој предизборен период, земјата ќе го положи својот демократски испит на зрелоста и дека ќе се искачи на едно ново квалитативно ниво.

OhridNews