Два услова и тези за македонскиот идентитет и јазик содржи таканаречениот објаснувачки меморандум кој официјална Софија го пратила до земјите членки на ЕУ, а кој го објави Радио Слободна Европа. Во него Бугарија бара поддршка од земјите членки за својата позиција кон напредокот на Македонија во Унијата.

Билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи треба да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35. Ова е дел од „Објаснувачкиот меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација“ кој Софија го доставила до земјите-членки на Европската Унија и бара поддршка од нив, јавува РСЕ.

Одржувањето на добри меѓусоседски односи и особено, спроведувањето во добра волја на билатералните договори со земјите членки на Европската унија треба да биде составен дел од Преговарачката рамка за прием на Република Северна Македонија во ЕУ и треба да биде набљудувано во поглавјето 35. Проценките дали тие меѓународни обврски се ефикасно исполнети треба да биде на конкретните земји членки. – се наведува во меморандумот.

Поглавјето 35, кое се споменува во бугарскиот документ, инаку вклучува разни прашања што се појавуваат за време на преговорите, a кои не се опфатени во ниту едно друго поглавје и вообичаено се отвора на крајот на процесот на преговарање. Инаку, во меморандумот официјална Софија бара исполнување на уште еден услов за напредокот на Македонија во ЕУ- малцинствата.

Источниот сосед објаснува дека тие се членка на најголемата регионална и меѓународна организација за човекови права и се фокусирани на спроведување на највисоките меѓународни стандарди во оваа област, но во согласност со бугарскиот Устав. Тој, пак, како што пишува, предвидува дека тоа право може да се оствари во согласност со „кумулативното исполнување на субјективното (постоење на слободна волја да припаѓа на одредена религиозна, етничка, јазична малцинска група или заедница) и објективните критериуми( постoење на реални разлики кои објективно докажуваат постоење на етничка припадност, религија, јазик значително различен од оние на мнозинството)“.

Според меморандумот, Белград имал неуспешен проект за нов јужносрпски идентитет

И во дел од бугарскиот меморандум, официјална Софија споменува дека го подржува процесот на напредокот на Скопје кон ЕУ, но во него, во голем дел има и тврдења за развојот на македонската нација. Бугарија пишува дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година.

Во меморандумот се наведува и дека формирањето на македонската нација е проект на Белград меѓу двете светски војни за поткопување на бугарскиот идентитет и создавање на нов „јужносрпски“ кој бил неуспешен, но потоа, пишува во бугарскиот документ, комунистичкиот лидер Јосип Броз Тито по Втората светска војна, форсирал друг нов идентитет, овој пат македонски.

Но во меѓувреме, особено за прашањето за револуционерот Гоце Делчев, се појавија во јавноста информации за несогласувања меѓу двете страни, а ВМРО-ДПМНЕ завчера организираше и протест за ова прашање наведувајќи дека Делчев е црвената линија на нашето достоинство и идентитет, пишува РСЕ.

OhridNews
извор: РСЕ