Опозиционата коалиција „Сојузот за иднината“, предводена од СДСМ, на политичката конвенција што се одржа во Куманово, усвои декларација за, како што се наведува, обнова на демократијата, слободата и правдата во Македонија.

Со декларацијата, која содржи пет точки, претстојните локални избори се означуваат како нелегитимни и се повикуваат граѓаните да ги бојкотираат истите.

Актуелните опозициски пратеници и кандидатите од листите за парламентарните избори одржани во 2011 година ќе ги вратат своите мандати на денот на одржување на локалните избори, одлучено е денеска во Куманово.

Од опозицијата најавуваат дека „локалните избори на кои еднострано ќе бидат прогласени градоначалници и совети без легитимитет ќе бидат предмет на ревизија со која ќе се преземат соодветни политички и законски механизми за нивно поништување и повторно одржување по промената на актуелната власт на предвремени парламентарни избори“.

„Напорите за враќање на земјата на вистинскиот демократски европски колосек треба да станат врвен приоритет за секој македонски граѓанин на“, стои меѓудругото во декларацијата на „Сојузот за иднината“ .

Во своето обраќање лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски ги повика присутните да не ја губат надежта дека битката ќе биде добиена.

„За Македонија со самопочит и за почит вреди човек да не се штеди и да се бори до крај. Тие бегаат и од гласот на народот и од избори. Ние се бориме за иднината, а тие за своите џепови. Оваа власт донесе буџет на противуставен начин, брутално исфрли новинари и опозоционери и не покажа чувство за одговорност, јасно е дека ја поминаа црвената линија“, рече Црвенковски, повторувајќи го барањето за предвремени парламентарни избори.

OhridNews
Makfaks