Сопственици на апартмани во Еврохотел Струга обвинуваат дека истите им се продадени или издадени без нивно знаење. Случајот во нашата редакција го пријави сопственичка на апартман од Белград, Република Србија. Таа вели дека нејзиниот татко го наследил од нејзиниот дедо уште во 1986 година, а кога сега  дошла во Струга се нашла затечена, бидејќи во нејзиниот апартман веќе некој престојувал.

Мојот дедо купи апартман уште пред 40 години во „Еврохотел“ во Струга. Последен пат бевме тука  во 2014 година. Јас доаѓам во својот апартман со семејството. Кога пробав да отклучам со оригиналниот клуч, сфатив дека бравата е променета. Наредниот чекор кој го презедов беше тоа што отидов и го пријавив случајот во полиција која излезе на терен и откако никој не отвори во апартманот повикаа некој кој се претстави како управител Драган Стојковиќ кој полицијата ја известил дека апартманот е продаден. – раскажува Катарина Дамчевиќ.

Таа вели дека преку адвокат успеала да дојде до податок дека лицето коешто фигурира како купувач на нејзиниот апартман во ист ден преку ист купопродажен договор, купил уште пет други апартмани. Според податоците до кои дошла Катарина, наводно „Еврохотел“ во овие договори е заверен како дивоградба.

Целиот случај е пријавен во струшката полиција во кој записник стои дека на ден 6.8.2021 година Катарина Дамчевиќ пријавила кривично дело „Самовластие“. Од струшката полиција на разговор бил повикан купецот на имотот, но не се појавил.

Кога се градеше „Еврохотел“ не можеше парцелите да се запишат во катастар и тоа остана така. Мојот татко во 1986 година од неговиот татко, мој дедо го наследи апартманот во Струга 25 квадрати + пет квадрати тераса врз основ на договор со „Палас-Турист“ од Скопје и тоа стои во решението за наследство кое јас го понесов случајно. – истакнува Дамчевиќ.

Катарина вели дека успеала да стапи во контакт со уште три семејствата на кои исто така апартманите им се продадени, а никој од нив не го продавал апартманот.

Катарина Дамчевиќ

Друг сопственик, пак, реагираше дека заедницата во Еврохотел, работи незаконски, со фалсификувани документи и потписи, поради што целиот случај завршил на суд.

Првостепениот суд го осуди управителот на две години условна казна и сега се чека Апелациониот суд во Битола да ја потврди пресудата за да му биде одземен потписот и печатот. – тврди Владо Нешиќ сопственик на апартман.

Тој укажува дека од српските државјани кои се сопственици на апартмани во таа заедница, речиси никој нема имотен лист, освен пет – шест лица, додека останатите имаат купопродажни договори уште од 80-те години.

И Јанко Марковиќ од Белград, Р. Србија тврди дека наводно му бил обиен неговиот апартман во Еврохотел и истиот се издавал во текот на целото лето, додека тој бил сместен во магацин без вода и струја.

Јас морав на сила да влезам и да го сменам клучот и сега ќе морам да ја сменам и вратата за да можам да си влезам во мојот апартман. Јас го купив апартманот и го платив 35000 германски марки пред 37 години. Буквално бев избркан од сопствениот апартман. – раскажува Јанко Марковиќ.

Го контактиравме посочениот управител на заедницата на сопственици при „Еврохотел“, Драган Стојковиќ кој вели дека ваквите обвинувања се огромна невистина, посочувајќи дека секој кој има имотен лист може слободно да си го користи сопствениот апартман.

Тие сопственици, што се претставуваат дека се сопственици, ниту еден нема валиден документ. Нема ниту имотен лист, ниту валиден купопродажен договор, т.е. во тоа време не постоеше заверка на купопродажни договори на нотари туку на суд и во општина. Ниту еден од нив нема таков валиден договор. – вели Стојковиќ.

Тој додадe дека во последните седум години имало дури 15 случаи кога се појавувале и по две лица со лажни купопродажни договори за сопственост на еден апартман. Појаснува, дека објектот постои 40 години, а договори за процент за издавање на апартманите се склучувани од претходните управители, но не биле правилно исплаќани ни тогаш кога со хотелот управувала приватна фирма.

Во 2013 се формира Заедницата на сопственици и јас сум управител на таа заедница. Никој не може да издава нечиј апартман без негова согласност. Заедницата нема право на издавање, таа е формирана за одржување на објектот, односно до вратата на апартманот, а внатре нема право да располага со апартманите. – вели Стојковиќ

Управителот истакна дека не знае што се случувало пред 2013 година и потенцираше дека секој којшто ќе покаже валидни документи не може да биде спречен да влезе во својот имот.

К. Алексиеска