Сопственикот на интернет порталот „Mеgastar“, Љупчо Танески, денеска бил повикан на информативен разговор во охридската полиција, во врска со списоците на партиски вработувања, објавени на овој интернет медиум, а кои подоцна во јавноста ги презентираше и општинската организација на СДСМ.

Танески во изјава за OhridNews ја потврди информацијата, посочувајќи дека е изненаден од однесувањето на полицијата. Во текот на петнаесетминутниот информативен разговор новинарот Танески бил испрашуван од каде му се списоците за вработувања објавени на интернет, на што тој одговорил дека ги нашол во дворот на сопствената куќа. Исто така предмет на интересирање на полицијата било и тоа како јавно објавените списоците стигнале до огранокот на СДСМ во Охрид.

Сопственикот на „Меgastar“, интерeсирањето на полицијата за објавувањето на списоци кои ги изготвила партија го чувствува како своевиден притисок врз медиумот и воопшто врз слободата на изразување.

– Покренувањето на истрага против мене го чувствувам како притисок и изненаден сум што институциите наместо да се занимаваат со содржини објавени во медиумот кои се достојни за полициска анализа, се интересираат за партиски списоци, изјави Танески.

Тој кажа дека претходно добивал  лични закани за објавувањето на партиските списоци за вработувања, но тоа го чувствувал како непријатност која е  дел од професионалниот ангажман, додека покренувањето на полициска истрага за посочениот случај според него е обид за влијание врз независните медиуми.

OhridNews