Судбината на стотината времени објекти во Охрид и понатаму неизвесна. Сопствениците се жалат дека иако им било ветено уште во јануари дека ќе добијат соодветни информации кои од објектите ќе бидат отстранети, а за кои од нив ќе може да се склучат договори за закуп на земјиштето на кое се поставени, тоа досега не се случило.

Секој ден живееме во стрес и неизвесност. Наместо да не информираат кои од објектите се опфатени со најавената програма за поставување на времените објекти, никој ништо не кажува. Дел од нас добиваат решенија за отстранување со рок од три дена. Не знаеме кој, кога и дали ќе добие решение , дали да земаме роба или не, правиме трошоци.Објаснувањата од надлежните се дека во септември ќе сме можеле пак да лицитираме,а сега да ги отстраниме.Бараме до септември да не ги отстрануваат, па ако се јави друг кој повеќе ќе му одговараат условите ќе ги ослободиме.Бараме да ни овозможат легално да работиме и заработуваме за леб, вели Милчо Кузманоски, сопственик на времен објект.

Сопствениците на времените објекти кои речиси секојдневно бараат одговор во локалната самоуправа , потенцираат дека станува збор за судбината на околу 1000 граѓани кои егзистираат од работењето на времените објекти.

Лично кај себе имам шест вработени од кои една жена со четиричлено семејство .Надлежните да не си играат со судбината на овие луѓе, ние не сме ниту криминалци, ниту измамници. Чекаме да ни дадат решенија и да ги исполниме обврските кон општината и државата. Како што редовно ги исполнувавме до 2006. Набавената роба ни пропаѓа, не знаеме дали да ги празниме дуќаните или не. Родители сме, имаме деца , фамилии тие стресови чинат многу. Правиме невидени трошоци, а исходот не го знаеме. Предложивме нека направат типизирани објекти, нека предложат цена па кој може нека работи и понатаму, вели Силвана Тодоровска.

Како што изјави градоначалникот Никола Бакрачески по првата средба со сопствениците во месец јануари, од страна на сужбите извршено е скенирање на состојбите на терен  и е утврдено кои од објектите треба да се отстранат, бидејќи не се во согласност со  урбанистичките решенија и планови, а го нарушуваат амбиентот и функционалноста на просторот. За останатите објекти беше најавена изработка на  програма за нивно поставување, која потоа треба да биде одобрена од страна на министерството за транспорт и врски , по што ќе биде донесена уредба врз основ на која ќе се одреди почетната цена за јавна лицитација за стекнување право за нивно користење и откуп на земјиштето кое од 2012 е во сопственост на локалната самоуправа.При тоа беше нагласено дека ќе треба оние објекти кои ќе се опфатат со програмата да се уредат.

Т. Кувенџиска