67- годишната Спаса Бојоска од Охрид која во понеделникот беше пронајдена мртва со повеќе убоди од нож во нејзиниот стан на улицата Галичица, ја убил соседот Јосип К. од Куманово. Според неофицијални информации, тој пред извесно време се оженил за охриѓанка и се доселил во зградата во која живеела и жртвата со која се познавал.
Јавното обвинителство информираше дека осомничениот бил приведен во Куманово, каде се упатил по извршување на делото со намера да избега од држвата преку граница.
„Во координирана акција на надлежните органи, лоцирано беше лицето кое е осомничено за извршеното разбојништво со смртни последици, кое се случи во Охрид на 20 февруари. Лицето е лишено од слобода во тек се дејствија за натамошно расветлување на кривично правниот настан. Осомничениот кој потекнува од Куманово, во моментот на разбојништвото живеел во иста станбена зграда со жртвата и се познавал со неа. По извршеното разбојништво, осомничениот заминал за Куманово со намера да излезе од границите на државата.“ – соопшти Јавното обвинителство.
Жртвата живеела сама и примала странска пензија што најверојатно било мотив напаѓачот да го ограби нејзиниот стан. Неофицијално тој се обидел да се ослободи од работите кои го поврзуваат со делото фрлајќи ги во контејнери во центарот на Охрид, кои денеска беа обезбедени од полицијата.
Осомничениот се уште е на распит пред истражните органи кои преземаат широки мерки за обезбедување на неопходните докази, по што се очекува да биде поднесена соодветна кривична пријава и да му се изрече притвор.
Убиството се случи во понеделникот, а беше откриено вечерта откако роднините се загрижиле зошто нивната блиска не одговара на телефонските повици.
Од почетокот на 2017 СВР Охрид регистрирала три кривични дела разбојништво, од кои едно во непосредна близина на местото каде се случи убиството, но засега официјално не е потврдено дали случаите имаат некаква поврзаност.
OhridNews














