Стабилноста на примитивната брана на Слатинското Езеро која напукна вчера, сериозно е загрозена и таа може секој момент да попушти.  Процепот во насипот од земја, глина и камења, под притисок на водата чие ниво е зголемено по обилните врнежи од дожд и снег оваа зима, е се поголем. Низ него истекува поголема количина вода, која засега ја апсорбира реката Сатеска. На местото на настанот се екипи на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, од каде информираат дека состојбата од час во час се влошува. Според нив во случај на пробивање на водата најголема опасност ќе има по земјоделските површини во атарот на селата Слатино, Слатински Чифлик и Издегјавје.

-Непосредна  опоасност има само  по дел од куќите во Слатински Чифлик. Тоа село има 10 до 15 куќи од кои што 3-5 куќи се сериозно загрозени. Населението од тие ќуќи уште вчера е евакуирано.-изјави Митко Темелкоски – ЦУК Охрид.

На терен се и специјални нуркачки тимови, кои се обидуваат да го отворат главниот вентил кој се наоѓа на средината од езерото длабоко десетина метри. Поради големиот талог на дното нуркачите засега успеале да го отворат само помошниот вентил. Со испуштање на водата од вентилите се очекува да се намали притисокот врз браната, но и доколку тоа биде направено опасноста од нејзино уривање се уште ќе биде присутна, предупредуваат од ЦУК.

-Во моментов
техничките услови се сложени и самото контролирано испуштање доколку се обезбедат тие
услови, ќе  потрае 20-30 дена, период во кој браната мора да биде под засилен надзор и има перманентна опасност
, истакна Темелкоски.

Жителите од загрозените делови на Слатински Чифлик се евакуирани. Тие, како и населението од околните села стравуваат за својата иднина доколку езерото ги поплави нивните ниви, кои на најголем дел од нив им се единствен извор на егзистенција.

-Полето ќе има најголема штета во Слатино што не ќе може да се расчисти тој смет кога ќе се испушти браната  и нема да може да се обработува земјиштето долги години, вели Венчо Шипиноски – жител на Слатино.

Вештачката акумулација во атарот на селото Слатино, која служи за наводнување на околните плодни полиња, е изградена во 1963 година. Таа се полни со вода од Мраморечка Река и акумулира околу 1,4 милион кубни метри вода. Според кажувањата на локалното население освен помали интервенции, таа никогаш не била санирана.

Надлежните најавуваат дека во иднина санацијата на браната на Слатинското Езеро ќе биде приоритет и дека ќе биде потребен поголем зафат за да се подобри безбедноста на акумулацијата.

Г.М.