Градежниот инспекторат да постапи согласно законите и изграденото кај Али Пашината џамија да се прогласи за дивоградба, бараат од граѓанското здружение „Совест“.

На денешната прес конференција беше потенцирано дека конзерваторското решение за објектот било издадено во јуни 2016 година и дека тоа важи доколку по истекот на две години се обезбеди сета потребна документација за реализирање на градежните активности.

– Според законот за градење нема градежна дозвола, рокот од две години изминува на 6-ти јуни годинава и може да се каже дека станува збор за класична дивоградба која не може да се легализира. Од наши извори од министерството за култура дознаваме дека се врши невиден пристисок врз одредени институции и личности за да се изнајде некаков начин за легализација на она што е досега изградено. Потсетуваме дека во РМ се легализираат објекти кои започнале со градба до март 2011. Овде се работи за бесправна градба и тоа не може да се легализира, рече Томе Џамтоски од „Совест“.

Од „Совест“ со забелешка за неодамна дадената изјава на директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски во Охрид, дека со проектот за реконструкција и конзервација на џамијата не било предвидено минаре.

– Основниот проект според кој се вршат „конзерваторските работи“ има минаре. Институциите како меѓусебе да си подметнуваат. Што му дале на увид на Сотировски за тој така да изјави, не ни е јасно. Но, јасно е дека има некакво подметнување, односно искривување на вистината, вели Џамтоски.

Зад случувањата околу Али Пашината џамија во Охрид, од „Совест“ гледаат политичка заднина.

– Предходната власт ги постави темелите, оваа продолжува. Не можеме да гледаме како во нашиот охридски и христијански двор се става минаре. Само ние сме тие што треба да имаме разбирање и добри сме ако се прифаќаме. Охрид не може да остане нем. Почитувањето треба да биде обострано и тоа се заслужува. Не е само минарето. Законот налага да се истражи археолошкиот локален простор, за кој има и докази дека се уништува бесценето благо. Бараме мултикултура, на кого му смета нека каже. Доста е глумење и игра, изјави претседателот на здружението, Михаил Трендафилов.

Од „Совест“ потенцираат дека нивните активности се во насока на анимирање на јавноста, како и да се пробуди совеста на оние кои се задолжени за реконструкцијата на Али Пашината Џамија, проблем кој се провлекува повеќе од една година.

Т.К.