Советничката од Левица во Советот на Општина Охрид, Виолета Аврамоска, вели дека советничката изјава ја потпишала со Република Македонија, а не со новото уставно име на земјата Република Северна Македонија. Додава дека не очекува да има реперкусии за вака потпишаната изјава бидејќи, како што посочи, Законот за Локална самоуправа не бил усогласен со Уставот.
Мојата изјава е потпишана со Република Македонија, зборот „северна“ го избришав со коректор. Сметам дека нема да има реперкусии бидејќи тоа е моја лична изјава, јас добив мандат од граѓаните и од никој друг. Законот за Локална самоуправа не е усогласен со Уставот, а јас работам според Законот за Локална самоуправа, каде секаде стои Република Македонија, ако некој има проблем со тоа може да поднесе иницијатива до Уставниот суд и да се провери уставноста на тој закон и да се направи промена, бидејќи ние како советници не сме надлежни да дискутираме ни за Устав, a ни за Закон.
Аврамоска потврди дека „Левица“ е дел од мнозинството во Советот на Општина Охрид заедно со ВМРО-ДПМНЕ, и „Охрид пред се“. Аврамоска истакна дека се дел од ова мнозинство бидејќи за време на предизборната кампања имале исти заложби, но дека ова мнозинство не значи и коалиција.
И како опозициски партии и како независна советничка група „Охрид пред се“, во предизборната кампања имавме исти наративи. Се залагаме за враќање на дигнитетот на Советот и се обврзавме дека ќе работиме во интерес на граѓаните и на Охрид и токму тоа ни беше појдовна основа за да станеме дел од мнозинството. Меѓутоа, ова мнозинство не значи и коалиција, бидејќи ние како Левица го задржуваме правото доколку не се согласуваме со било кој предлог од било која партија, да се изјасниме според нашата програма и според нашата идеологија , истакна Аврамоска.
K.A.










