Со мнозинство гласови Советот на Општина Охрид ги разреши старите и ги изгласа одлуките за  избор на новите членови во  Управните и Надзорните одбори на јавните претпријатија.

Изборот на нови членови на одборите и разрешувањето на старите членови предизвикаа дискусија кај советниците. Од опозицијата велат дека дел од предложените членови на одборите не се со соодветно образование и работно искуство и дека станува збор за партиски избор на членови.

 

Ако ги погледнеме биографиите, со исклучок на поединци има и луѓе кои ги исполнуваат условите, е сосема јасно дека има една широка коалиција како од вашите редови, така од редовите на вашите партиски коалициони партнери. Немам забелешки во однос на завршениот степен на образование, туку во видот на образование. Кога зборуваме за работно искуство треба да разграничиме дека работно искуство и работен стаж не е исто. Овие луѓе верувам дека се докажани во нивната стручна област, меѓутоа како може да зборуваме за успешни јавни претпријатија, а во Управните одбори да ставаме стоматолози, фармацевти, дипломирани наставници, луѓе со завршена музичка академија, саксафонисти, воени лица, истакна Живка Ангелоска од СДСМ со апел до Власта уште еднаш да се разгледаат предлозите за да се донесат конструктивни Управни одбори. 

Дека станува збор за партиски избор согласен е и Ванчо Костоски од СДСМ. Вели, дека иако се партиски решенија не значи дека станува збор за лош избор на кадар, меѓутоа дека  со ова се продолжува вообичаената пракса. Костоски имаше забелешка за член кој е предложен во Надзорниот одбор на ЈП „Охридски Комуналец“ , кој додека бил на одредени позиции во други јавни претпријатија истите завршиле со над 100 илјади евра во минус.

Основната улога на Управните и Надзорните одбори е пропишана со Закон и таа треба да биде контролен механизам којшто ќе го контролира директорот, на што во изминатите четири години како опозиција постојано апелирале и инсистирале, реплицираше на изнесените ставови од опозицијата координаторот на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Перчо Божиновски.

За прв пат  може да видиме дека во доставените документи имаше кратка биографија, податоци за она што се работело, за разлика од претходните документи каде што се трагаше по една кратка биографија за да видиме кој е член на Управен или Надзорен одбор. Дури  немаше ни основни податоци или само кратка биографија испишана на еден лист со датум и година на раѓање. Сега тоа не е така, и од она што може да видиме тоа се луѓе, интелектуалци, докажани граѓани. Веќе да заврши времето на партиските активисти и членови на партиски тела кои ги гледавме во изминатите години, истакна Божиновски. 

Секретарот на Општина Охрид Александар Китески гарантираше пред советниците дека се исполнети сите услови во делот на Законот и на образованието. Како што вели, никогаш до советниците не била доставена целокупната документација по однос на исполнување на услови.

Во однос на работното искуство, јасно во Законот за јавни претпријатија стои дека треба да се има три години работно искуство, значи не три години работно искуство по струка. Гарантирам дека се исполнети сите услови во делот на Законот и во делот на образованието. Законот вели 240 кредити и VII 1 степен, сепак не треба да ги делиме луѓето со оглед на тоа какво образование имаат завршено, секој е стручен во својата област. Фактот дека сега не е како порано е тоа што дел од листата со луѓе именувани во 2017 и листата на луѓе од денес се поклопуваат, што никогаш претходно не било случај, истакна Китески. 

На денешната седница  беше изгласана  и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување надоместок за членовите на Општинската изборна комисија за Охрид и избирачките одбори за Локалните  избори 2021 година согласно измените на Изборниот законик. Донесена беше и Одлуката за измена на распоредот на средствата во Буџетот на Општина Охрид за 2021 година, како и беше изгласана Одлука за усвојување на Елаборатот за проценка на штети од мраз, слана и ниски температури во Општина Охрид од ден 15.4.2021 година и Одлука за изработка на елаборат за проценка на штети од пороен дожд и град кој го зафати Охрид на ден 18.7.2021 година.

 

К.А.