Несомнено е дека од моментот на преземање на новата локална власт имаше релативно краток временски период во кој можеше да се конструира буџетот за 2022 година. Меѓутоа, токму заради тој краток период го поздравуваме континуитетот во однос на проектите кои продолжуваат да се реализираат истакна советничката од СДСМ, Живка Ангелоска, на денешната одржана седница на Советот на општина Охрид на која беа ставени и изгласани со мнозинство гласови 53-те точки кои беа на дневен ред.
Тоа што е впечатливо е намалување на капиталните расходи на сметка на оставање на онолку колку што изнесуваат не продуктивните расходи. Во Програмата за уредување на градежно земјиште капиталните расходи се намалуваат за 27 милиони денари. Во Програмата за изградба и реконструкција на улици и патишта има намалување од 15 милиони денари. Во Програмата за изградба на систем за одведување и прочистување на отпадни води 11 милиони денари и на крај изградба на системи за водоснабдување 19 милиони денари. Ова намалување значи помалку нови реконструирани улици, помалку системи за водоснабдување односно помалку вложување во зголемување на квалитетот на живеење на нашите граѓани. Пандемијата секаде остава последици и во однос на економската состојба на општината, но во ваква ситуација треба да ги намалуваме некапиталните трошоци, а не да удриме по џебот на граѓаните. Не е сериозно, освен ако нема направено некој превид за рушење на објекти да има предвидено 500 илјади денари, а во други претходни буџети сме имале 7 200 000 денари. Но, во период кога треба да се испорачаат препораките за УНЕСКО сосема е несериозно да се предвиди овој буџет, рече Ангелоска.
Додаде дека со оглед дека се работи за Нацрт верзија на буџетот се надеваат дека има време да се анализира истиот и токму поради тоа нивниот став е дека ќе бидат воздржани, со апел овие забелешки да бидат земени во предвид во финалната верзија на буџетот. Да не се ставаме во ситуација да поднесуваме амадмани, туку да донесеме еден буџет кој ќе биде во насока на интересите на граѓаните, рече Ангелоска.
Забелешка во однос на Нацрт развојната програма за уредување со градежно земјиште конкретно за ставката за рушење на бесправно изградените објекти каде ставката изнесува 500 илјади денари имаше и советникот Науме Јованоски.
Во претходниот буџет оваа бројка беше многу поголема. Кој е правецот на овој наш град? Нашиот правец е јасен Охрид град на УНЕСКО, рече Јованоски.
Не треба да имаме дилема дека политиката на оваа локална самоуправа е Охрид град на УНЕСКО, рече секретарот на општина Охрид, Александар Китески.
Ја разгледав Програмата, истата со стручните служби ќе се разгледа повторно и ќе реагираме. Очигледно се работи за техничка грешка, имајќи во предвид дека и години наназад во буџетот се предвидувале многу поголеми износи. Во Предог програмата ќе биде корегиран буџетот за делот на рушење на бесправно изградени објекти. Политиката на градоначлникот и на локалната самоуправа е јасна, а тоа е Охрид град на УНЕСКО, додаде Китески.
Дел од изгласаните точки се однесуваа на Нацрт развојни или годишни програми од различни сфери. Советниците дадоа зелено светло и на Предлог одлуките за утврдување фискална стратегија и развојни програми на Општина Охрид за 2022 година, Предлог-Одлука за усвојување на Нацрт буџетот на Општина Охрид за 2022 година како и Предлог-Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за општински линиски превоз на патници во Општина Охрид.
На денешниот Совет беа изгласани и Предлог-Одлуките за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација, со цел вклопување на бесправно изградените објекти во неколку катастарски парцели во охридските села: Куратица, Вапила, Лескоец, Ливоишта, Речица, Оровник, Велгошти, Лескоец, Опеница, Лакочереј како и во КО 4. На Седницата беше изгласана и Предлог-Одлуката за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација, за усогласување на намената на земјиштето на КП.бр. 3710 и КП.бр.3709/1 КО Охрид 4.
Н.С.Ј.















