На денес одржаната 33- та седница најдолга расправа се разви за предлог одлуката за утврдување нацрт фискалната стратегија и развојни програми на општина Охрид за 2015 година. Советниците од опозицијата не гласаа за оваа точка на дневен ред, како што потенцираа, поради две причини.

Направени се грешки од страна на локалната администрација во однос на проектното планирање. Нас ни беа доставени само список на активности кои се планира да се извршат, но никаде не е наведена временска рамка, колку ќе изнесува секоја од планираната активност. Се надеваме дека до носење на предлог програмите сето тоа ќе се корегира. Втората причина е што во најголем дел програмите се препишани од претходните години, со таа разлика што годинава тие добија епитет развојни програми, а за да се развојни програми во нив треба да стои во која година и период ќе се извршат програмските активности, изјави координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.

Според предлагачот, градоначалникот Никола Бакрачески, развојните програми се квалитетно изработени и ги одразуваат потребите на граѓаните за 2015.

Претстои и јавна расправа каде се вклучуваат сите субјети во креирање на дефинитивната верзија на развојните програми, и пред крај на годината во утврдениот рок ќе се донесат програмите  и буџетот на општина Охрид, рече Бакрачески.

Советниците едногласно ја изгласаа предлог одлуката за начинот и критериумите за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од барателите на финансиската поддршка.

Предвидено е од охридскиот аеродром во текот на 2015 да се воспостават сезонски летови,а од 2016 и редовни авиолинии,финансиски поддржани од општина Охрид .

Ќе следи изработка на тендерска докуменатција и претпоставувам дека овој пат ќе се јават заинтересирани компании кои ќе ги прифатат условите на меѓународниот тендер кој ќе се распише. Финансиските средства се во висина од 36 милиони денари и ќе бидат распределени на 4 рати, во периодот од јуни 2015 до средината на јуни 2018 година. Условите за објавување на тендерот за субвенционирање на летови од Англија се исти како и минатата година, со тоа што лани според кажувањата на авиокомпаниите, периодот за пријавување на летови бил изминат и претпоставувам дека тие затоа и не покажаа интерес. Овој пат тендерот навреме ќе биде распишан, рече градоначалникот.

Советниците расправаа и за деловникот за работа на Советот, предлог одлуките за усвојување на Годишната Програма за работа на ОЈУ„Кузман Шапкарев“ за учебната 2014/2015 година, давање согласност на одлуката за престанок на корисничко право на ЈП „Охридски Комуналец“, предлог решение за формирање Комисија за утврдување на предлогот на Програмата за работа на Советот на општина Охрид за 2015 година, и за низа решенија од сферата на урбанизмот.

Т.К.