Советот на Општина Охрид не може да свика итна седница, ниту пак може да донесе одлука во врска со барањата на Охридскиот еснаф на угостители, кој вчера достави барање за закажување вонредна седница на која ќе се дискутира за статусот на угостителските објекти лоцирани во крајбрежниот појас, во контекст на препораките од УНЕСКО и актуелните случувања во пресрет на претстојната туристичка сезона. Ова е заклучокот од координативниот состанок одржан денеска помеѓу советничките групи во Советот на Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески.

На состанокот детално беше разгледано барањето на здружението и сите предложени точки за расправа, по што од страна на двете советнички групи беше донесен заеднички заклучок дека Советот на Општина Охрид нема ингеренции да расправа по ниту една од предложените точки во барањето. Двете советнички групи го застапуваат ставот дека не постои правна и законска претпоставка за свикување и одржување на итна седница врз основа на вакво барање, ниту пак советот може да донесе одлука во врска со предложените точки. – се вели во соопштението од одржаниот состанок на двете советнички групи предводени од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.

Двете советнички групи изразија поддршка на градоначалникот Константин Георгиески и Општина Охрид да постапуваат во рамки на своите ингеренции во согласност со сите законски прописи почитувајќи го принципот на неселективност, се наведува во соопштението за јавност.

Двете советнички групи сметаат дека е од исклучителна важност Охридскиот регион да го задржи статусот на Светско природно и културно наследство на УНЕСКО и ги повикуваат сите надлежни институции да постапуваат во согласност со своите надлежности во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО. – децидни се членовите на градскиот совет.

Еснафот на угостители вчера побара од советот и локалните институции да се изнајде решение за времено регулирање на односите на постојните вршители на дејност на угостителските објекти лоцирани на крајбрежјето, како и итно одлагање на активностите за уривање на плажите до крајот на туристичката сезона.

Г.М.

Багери кај Студенчишта, Охридскиот еснаф бара итна седница на советот за статусот на угостителските објекти во крајбрежниот појас