Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудува однесувањето на претставникот на МНР кој на вчерашната прес – конференција на посредникот Метју Нимиц се обидел да го спречи новинарот на ТВ21, Фуркан Салиу, да постави прашање, како и заканите што следувале подоцна за одземање на неговата акредитација.

За СЕММ е целосно неприфатливо на каков и да е начин да се спречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било закани и притисоци.

Советот за етика го повикува МНР да ги преземе неопходните мерки за да го расчисти случајот и да спречи повторување на ваквите инциденти. Упатувањето какви било закани кон новинарите од страна на институциите не смее да биде метод со кој ќе се спречува известувањето за теми и прашања од интерес на јавноста.

Во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, безбедноста на новинарите мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување, потсетува Советот за етика во медиумите на Македонија.

OhridNews