Една современа сатирична приказна за односите меѓу режимот и криминалците, корупцијата и криминалот, кој ги руши сите идеолошки и статусни бариери, поради двостраниот материјален интерес и алчноста за статусна моќ, ќе може да види публиката која вечерва во Центарот за култура ,,Григор Прличев’’ во Охрид ќе ја проследи премиерата на претставата ,,Питачка опера’’, во изведба на Албанскиот театар од Скопје.

Овој театарски текст на познатиот чешки писател Вацлав Хавел, според босанскиот режисер Дино Мустафиќ се поистоветува со времето во кое денес живееме.

-И покрај тоа што овој текст е напишан во последната декада на 20-тиот век, сосема сигурно е дека и ден денес е современ и актуелен. Хавел со оваа претстава се заложува за оние вредности, за кои ние на Балканот сеуште водиме битка, а тоа се демократијата, човековите права, транспарентноста, а во сето тоа одат и индивидуалните вредности на луѓето, како што се  почитувањето и моралот. Питачка опера е култно дело, една своевидна политичка сатира. Тое е една класика на која секогаш се навраќаме и ќе се навраќаме, вели Мустафиќ.

Тој истакна дека имал одлична соработка со актерите на Албанскиот театар, за кои вели дека се големи професионалци.

Адем Карага, директор на Албанскиот театар, истакна дека е задоволен што  успеале да направат еден нов и современ вид на претстава.

Изминатиов период имавме напорна работа за да ја подготвиме претставата . Јас се надевам дека публиката која ќе дојде да не гледа ќе биде многу задоволна. Во претставата има многу работи кои може да се видат, работи кои секојдневно не опкружуваат, вели  Карага

Џевдет Јашари кој го игра Мекит, главиот лик во ова театарско дело, вели дека оваа улога  е една од најдобрите кои ги одиграл.

-Многу сум среќен што најдов добар начин на комуникација со режисерот и ја постигнав целта која си ја поставивме заедно. Се трудев многу, а за резултатот, оценка ќе даде публиката, вели Јашари.

За премиерата на Питачката опера, која ќе започне во 21 часот е обезбеден превод и на македонски јазик.

OhridNews