Полскиот напаѓач Аркадиуш Милик се пошегува пред осминафиналниот дуел на Светското првенство во Катар против Франција, наведувајќи дека на полскиот тим ќе му биде потребен скутер да го стигне францускиот репрезентативец Килијан Мбапе, кој е познат по својата брзина.

Како да се одбраниме од Килијан Мбапе? Мораме да бидеме брзи, потребен ни е скутер за да го стигнеме. Тешко е да се игра против еден од најдобрите фудбалери на светот. Ќе мораме да се браниме колективно, бидејќи никој поединечно не може да го стигне, изјави Милик.

Полскиот селектор Часлав Минхевич призна дека неговиот тим, веројатно, има мали шанси против актуелниот светски првак.

Барав некои слаби точки во нивниот состав и не ги најдов. Но, секоја екипа има фази во натпреварот во кои греши. Ќе мораме да ги искористиме и да вршиме притисок врз нив цело време за да направат грешка, рече полскиот селектор.

Дуелот од осминафиналето меѓу Полска и Франција се игра денеска од 16 часот.

Во вториот осминафинален дуел денеска се среќаваат Англија и Сенегал. Селекторот на Англија, Герет Саутгејт, изрази голем респект за противникот.

Нивото на фудбалот ширум светот значително порасна, а во групната фаза видовме за што се способни африканските, азиските и арапските тимови. Истото важи и за Сенегал конкретно: добро изведена игра, многу надарени играчи, одличен тренер.

Во 2018 година во Русија, Сенегал немаше многу среќа да ја помине групата, овојпат тимот заслужено заврши во плејофот. Знаеме колку ќе ни биде тешко, изјави Саутгејт за „Би-би-си“.

Натпреварот меѓу Англија и Сенегал ќе се одигра вечер со почеток во 20 часот.

OhridNews