Светското првенство во фудбал 2026 продолжи со четири натпревари од групите Б, Ц и Д. Фаворизираниот Бразил одигра само нерешено против Мароко, Катар во последните мигови од мечот и скина 2 бода на Швајцарија, Шкотска ја оправда фаворитската улога против Хаити, а Австралија и нанесе болен пораз на Турција.

Во групата Б, Катар и Швајцарија ги поделија бодовите играјќи 1:1, со што ја зголемија неизвесноста во групата во која претходно Канада и Босна и Херцеговина исто така ремизираа.

Во групата Ц, Бразил не успеа да го скрши отпорот на Мароко и одигра 1:1, додека Шкотска со минимални 1:0 ја совлада селекцијата на Хаити и ги освои првите три бода на турнирот.

Најубедлив впечаток остави Австралија, која во Ванкувер ја совлада Турција со 2:0 во натпревар од групата Д. Стрелци беа Нестори Иранкунда и Конор Меткалф, а Австралијците со дисциплинирана игра ја неутрализираа иницијативата на Турците и стигнаа до значајна победа на стартот од Мундијалот што се игра северната хемисфера од американскиот ко тинент.

Денеска започнуваат натпреварите во групите Е и Ф.

Посебно внимание привлекува настапот на четирикратниот светски шампион Германија против дебитантот Курасао, како и дуелот меѓу Холандија и Јапонија, кој според аналитичарите е еден од најинтересните во првото коло од групната фаза.

Група Е

Германија – Курасао 19:00ч.
Брегот на Слоновата Коска – Еквадор 01:00ч.

Група Ф

Холандија – Јапонија 22:00ч.
Шведска – Тунис 04:00ч.

Мундијалот, кој за првпат се игра со 48 репрезентации и вкупно 104 натпревари, ќе трае до 19 јули, кога на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси ќе биде одиграно големото финале.

OhridNews
Фото: X – FIFA