Ракометната репрезентација на Македонија го претрпе првиот пораз на Мундијалот во Германија и Данска. „Црвено жолтите“ горчливиот вкус од неуспехот го осетија во дербито од третата рунда во групата Б претрпувајќи пораз од Хрватска 31-22 (16-11).

Предводоникот на хрватите Лино Червар го надмудри нашиот стратег Раул Гонзалес и „коцкастите“ заслужено победија и го заджраа максималниот ефект после три одиграни мечеви во фазата во групи.

Првото полувреме помина во знакот на тактичко надмудрување со играта „седум на шест“. Хрватите подобро се снаоѓаа и преку бековите и пивотмените погодуваа, додека адути на „црвено жолтите“ беа крилата кои имаа половичен ефект против разбранетиот Шего.

Македонија два пати имаше егал (1-1) и (4-4), ниту еднаш не поведе во текот на првото полувреме, а хрватите постепено ја зголемуваа предноста која достигна шест голови. Со нешто поефикасен финиш стигнавме до минус пет (16-11).

На стартот од второто полувреме ракометарите на Македонија со мини серија намалија на три негатива (18-15) и ја вратија неизвесноста во натпреварот. Таа разлика се одржуваше десеттина минути, а „црвено жолтите“ имаа неколку обиди за спуштање на негативата на два голови.

Хрватите собраа сили за финишот и со игра „шест на седум“ го умуртвија темпото на играта и на крајот не само што ја вратија предноста, туку ја зголемија на плус девет за убедлив триумф 31-22.

Најефикасен во хрватскиот состав беше Дувњак со шест голови, а човек на одлука беше голманот Шего кој собра 14 интервенции. Во нашата селекција најпрецизен беше Манасков со шест голови, а потоа следуваа Лазаров со пет голови и Пешески и Талески кои реализираа по три.

Во четвртата рунда која се игра на 16 јануари Македонија силите ќе ги одмери со Шпанија.

OhridNews
Фото: Гол.мк