Македонската ракометна репрезентација со пораз ги започна мечевите во главната рунда на Мундијалот во Египет, откако изгуби од Словенија со 21-31 (9-13). Словенците со трумфот над Македонија стигнаа до четвртиот бод на табелата во главната рунда додека нашата селекција останува без бодови и на последната позиција.

„Црвено жолтите“ на крилата од капитенот Кирил Лазаров, кој реализираше три седмерци и голманот Никола Митрески, кој запиша четири успешни интервенции одлично го отворија натпреварот и поведоа со 5-3, после 10 минути игра. Македонија поведе и со 6-4.

Втората негатива ги „разигра“ словенците, кои со 3-0 серија, не само што ја анулираа предноста, туку и го презедоа водството 7-6.  Избраниците на Данило Бресотвац не се предадоа и изедначија 7-7, а подоцна на 8-8 и 9-9.

Во последната третина од првиот дел, словенците заиграа многу подобро во одбрана, македонските ракометари почесто грешеа, отколку што се закануваа кон голот на Лесник. Таквиот развој резултираше со осумминутен пост без гол и негатива од 4 погодоци на полувремето (9-13)

Ракометарите на Словенија во второто полувреме отворија со 2-0, но исто возврати и Македонија за одржување на негативата од четири голови (11-15). Словенците повторно направија серија, овој пат 3-0, за највисока предност од 18-11.

Пулените на Љубомир Врањеш налетот го искористија максимално, обезбедувајќи плус девет (21-12). Македонија ја стабилизираше играта и не дозволи разликата да расте. Со 3-0 серија намали на 21-15. Сепак, словенците брзо ги вратија работите под контрола и повторно се одлепија на девет голови. До крајот Словенија разликата ја зголеми за уште еден гол и конечни 31-21.

Во втората рунда од главната фаза, Македонија силите ќе ги одмери со Белорусија. Мечот се игра на 22 јануари во петок.

 

Мх.П.