Хрватската фудбалска селекција се соочи со турбеленции два дена пред мечот на деценијата на Светското првенство во Русија, откако куќата на фудбалот во Хрватска го острани Огнен Вукојевиќ, еден од помошниците на селекторот Златко Далиќ.

Причината за остранувањето од селекцијата на поранешниот репрезентативец е непромисленото пеење на украински песни после триумфот над Русија во 1/4 финалето. ФИФА го осуди инцидентот, а Хрватскиот фудбалски сојуз веднаш презеде ригорозни мерки. Домагој Вида е казнет финансиски, додека Вукојевиќ се соочи со најголемата казна.

Ваквите работи сигурно нема да одат во полза на хрватите, кои, ги очекува меч со Англија во среда со почеток во 20 часот во рамките од полуфиналето. „Коцкастите“ на Мундијалот во Франција во 1998 година пропуштија шанса да се пласираат во финалето, а од селекцијата најавуваат борба до последен здив во Москва.

Вукојевиќ е втор член на хрватите кој заминува од Русија. Прв беше репрезентативецот Никола Калиниќ кој ја напушти селекцијата после караницата со селекторот Златко Далиќ.

OhridNews