Во текот на вчерашниот ден во две големи акции на МВР за сузбивање на шверц со дрога, на две различни локации во државата, на подрачјата на СВР Струмица и на СВР Битола – ОВР Ресен, запленети 1 тон и 600 кг наркотична дрога во вредност од 3 милиони и 200 илјади евра.
Првата акција беше реализирана од страна на полициски службеници од СВР Струмица заедно со Единицата за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност во содејство со членови на Комисијата за оценување на исполнетост на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, информира министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Притоа, извршена е контрола во правно лице во Струмица, регистрирано за одгледување на канабис за медицински цели. Поради констатирани неправилности во работењето на правниот субјект, запленета е непријавена марихуана во вредност од околу 3 милиони евра, со вкупна тежина од над еден и пол тон. Или, попрецизно 1.559,27 килограми, од која 1.041,50 килограми сув цвет, 223,57 килограми сув лист и 294,30 килограми био маса, што е спротивно на член 95-в од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. За случајот е известен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави, рече Спасовски.
Речиси истовремено, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Ресен при СВР Битола, на патот Охрид – Ресен, кај с.Јанковец, извршиле преглед на патничко возило „шкода октавија“, со струмички регистарски ознаки, управувано од К.М.(38) од с.Сачево, струмичко, во кое како сопатник се наоѓал М.Т.(48) од Струмица.
При претрес по наредба на Основен суд Ресен биле пронајдени три торби со марихуана во вкупна вредност од околу 200.000 евра и тежина од околу 50 килограми. Двете лица се лишени од слобода и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава до Основното јавно обвинителство Битола, поради постоење на основи на сомневање дека извршиле кривично дело член 215 од Кривичниот законик, додава Спасовски.
OhridNews














