Какви документи ќе му бидат достапни на новиот советник за безбедност на премиерот Заев, Џезаир Хоџа, кој и е познат на пошироката јавност од конфиктната 2001, информација ќе барате од владата, изјави денеска во Охрид министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Одговарајќи на новинарско прашање што како член на владејачката СДСМ мисли за назначувањето на Хоџа за советник на премиерот, Спасовски рече дека би бил загрижен доколку луѓето не се приклучуваат на системот.
Професорот по безбедност Злате Димовски, за случајот Хоџа смета дека тоа е политичко прашање, но не верува дека согласно законот тој може да добие безбедносен сертификат како советник на премиерот Заев од областа на безбедноста.
Министерот Спасовски, кој денеска во Охрид учествуваше на меѓународната конференција за обезбедување на ВИП личности, во изјава за медиумите истакна дека МВР ја контролира целата територија на државата и дека полицијата тоа го докажала во многу наврати со бројните акции спроведени неселективно во било кој град во Македонија.
Г.М.











