Најдоцна за час и половина од добивањето повик, Планинската служба за спасување при Црвен крст Охрид, ќе може да пристигне по копнен пат и да им помогне на луѓе кои западнале во неволја. Професионалните спасувачи сега ќе може да делуваат непречено и преку границата со Албанија, благодарение на Меморандумот за соработка, што денеска на граничиот премин Св. Наум го потпишаа Планинската спасителна служба на Црвениот крст Охрид и Националниот координативен центар за гранично управување.

Поради нивната хумана мисија, нивната дејност како спасувачки служби, треба да можат во прав момент да делуваат и непречено да ги поминат границите, вели Владимир Пивоваров од Националниот координативен центар за гранично управување.

Во случај на примена информација од страна на спасителната служба дежурниот оперативен центар при координативното гранично управување работи 24 часа, ја прима информацијата со основни податоци, на која точка треба да се помине, кој е бројот на луѓето, која е потребната опрема. Сето тоа оди во реално време Во исто време оперативните служби на терен, царината и полицијата, во реално време добиваат информација која се споделува од двете страни на границата и луѓето вклучени во спасувачката мисија нема ниту една секунда да бидат задржани и да губат време, бидејќи човечкиот живот е поважен од се. – рече Пивоваров.

Антонио Додевски од Планинската спасителна служба истакна дека во овој момент таа располага само со опрема и возило за копнено делување, но се прават напори во соработка со МВР да се зголеми нејзината оперативност и мобилност.

Во следниот проект планирана е поблиска соработка дури и опремување преку проектот на хеликоптерската единица на МВР и блиска соработка за да можеме во иднина да користиме и воздухоплов. – рече Додевски.

Меморандумот ќе овозможи непречено преминување на водната граница на Охридското Езеро во случај на потреба од делување на спасителната служба на вода од Поградец, Република Албанија.

Г. Момироски