Иако тендерската постапка е целосна завршена уште пред неколку недели, Владата се уште нема донесено одлука за давање на Охридското Езеро под концесија за стопански и рекреативен риболов.

Сегашната состојба според експертите од Хидробиолошкиот завод од Охрид е неодржлива, затоа што без управител кој ќе се грижи за заштита на рибниот фонд, вештачкиот мрест и другите мерки кои се преземаат за зголемување на популацијата на загрозените ендемски видови пастрмка и белвица, не ги даваат очекуваните резултати, иако уште од 2004 година на сила е целосна забрана за риболов на Охридското Езеро.

-Во овој период од седумгодишна забрана доколку се беше во ред доколку рибокрадството беше намалено, досега онолку колку што ние порибувавме подмладок на пастрмка езерото требаше да биде вратено во однос на популацијата на пастрмката, изјави Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод.

Спиркоски посочува дека рибокрадството не може целосно да се сузбие, но може драстично да се намали доколку езерото има стопан. Тој посочува дека согласно критериумите што ги изготви Хидробиолошкиот завод, концесионерот ќе треба да формира рибарска и рибочуварска служба, кои во координација со инпекторатот и Езерската полиција ќе водат грижа за рибниот фонд. Тоа според него треба ќе овозможи да се создадат услови за закрепнување на рибниот фонд, без што не може да има излов во комерцијални цели.

-Рибарите кога ловат си ги штитат рибните плодишта затоа што ако ги заштитат ќе има што да ловат, а вака останува само рибокрадството кое зема се поголем замав. Дневно количините кои рибокрадците ги изловуваат само во македонскиот дел од езерото се едвај една десетина од онаа количина предвидена за концесионерот на годишно ниво, вели Спиркоски.

Времетрањето на договорот за стопански риболов изнесува 6 години. Концесионерот првата година ќе може да излови 5 тони риба, но квотата може да претрпи измени во зависност од состојбата на рибниот фонд која ќе ја следат надлежните институции.

Против издавање на Охридското Езеро под концесија се екологистите и спортските риболовци, кои смеетаат дека се уште не се создадени услови за комерцијален излов и дека повторната масовна употреба на таканаречените висечки мрежи ќе предизвика катастрофални последици. Со ова не се согласуваат од Хидробиолошкиот завод од каде тврдат дека дека риболовот ќе биде дозволен само со конвенционален риболовен алат, односно со ниски мрежи и блинкер и ќе биде строго контролиран.

Горан Момироски