Граѓаните на Охрид ја поддржуваат иницијативата за изградба на споменик на Св. Наум Охридски Чудотворец во центарот на градот, но сметаат дека реализацијата на идејата треба да и се препушти на стручната јавност.

На ова укажуваат и резултатите од анкеттата што ја спроведе „Ohridnews“. На прашањето: „Што мислите за идејата за изградба на споменик на Св. Наум во центарот на Охрид?“ – 45% од анкетираните одговориле дека идејата е добра и треба да се реализира. Но, голем дел од читателите – 28% се на мислење дека споменикот на светителот треба да се подигне во манастирскиот комплекс Св. Наум, 13 отсто сметаат дека треба да се распише конкурс за осмислување на центарот на Охрид, а 11% дека за иницијативата треба да одлучува стручната јавност, а не политичарите. Три отсто од анкетираните сметаат дека за идејата треба да се консултира Македонската православна црква. Во анкетата беа вклучени 1630 испитаници.

Иницијатативата за изградба на споменик на Св. Наум Охридски во центарот  на градот ја реафирмираа охридските пратеници Цветко Грозданов и Александар Николовски, а ја поддржа градоначалникот Александар Петрески. За неа во петок ќе се изјаснат и членовите на градскиот совет.

Според предлагачите со поставувањето на споменикот на Свети Наум, Охрид и Македонија ќе му се оддолжат на големиот светец и просветител и ќе се заокружи духовниот триаголник во центарот на градот каде веќе се поставени споменици на Светите браќа Кирил и Методиј и на Св. Климент.

Св Наум заедно со Св. Климент Охридски се ученици на славните светители Кирил и Методиј. По завршувањето на Моравската мисија Св. Наум и Св. Климент својата благородна мисија на ширење на словенската писменост и култура ја продолжиле во областа Кутмичевица на брегот на Охридското Езеро. Тие се основоположници на охридската книжевна школа.

Свети Наум најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот на јужниот дел од Охридското Езеро кој сам го изградил. Освен по книжевната работа меѓу народот бил познат и како исцелител и за време на својот живот излечил многу луѓе, особено душевно болни. Познат е и како чудотворец бидејки се зборува дека направил многу чуда, а некои од нив се прикажани и на фреските од неговиот манастир како онаа на која е претставен како ја впрегнал мечката да го влече плугот наместо волот што го изела.

Свети Наум се упокоил во 910 година. Неговиот гроб се наоѓа во внатрешноста на манастирот. Се верува дека поклонувањето на неговиот гроб  носи здравје, душевен мир и спокој.

Ohridnews