ЈП Охридски комуналец работело во спротивност со законот за комунална дејност и подигало кредити без одобрение на Советот на општината, констатирал новиот Надзорен одбор – Н.О., кој извештајот за работата на јавното комунално претпријатие најави дека ќе го достави до министерствата за финансии и за локална самоуправа.

Според Н.О., ЈП Охридски Комуналец, незаконски го отуѓило бродот Галеб, а приходот како што стои во извештајот не е инкасиран во јавното претпријатие, туку со цесија се исплатени долгови. Надзорниот одбор во извештајот наведува дека не бил известен за работењето на спортскиот центар, во работните единици Пазар и Механизација подолго време не работеле фискалните апарати, услугите се наплаќале со парагон блокчиња, а финансиските извешатаи за работата на работните единици нереално биле прикажувани.

Ова се дел од забелешките на Н.О. изнесени во извештајот за работата на ЈП Охридски Комуналец кој денеска се очекува да се најде пред советниците.

Директорот на ЈП Охридски Комуналец неодамна за медиумите изјави дека јавното претпријатие во 2006 г. минало тежок период обременет со стари обврски, извршни решенија наследени уште од 1999г, и дека ликвидноста на претпријатието била одржувана со доста труд и откажување од доста работи и инвестиции. Завршната сметка на ЈП Охридски комуналец е позитивна рече Павловски.