При промоцијата на Охрид пред потенцијалните туристи се користат поголем број слогани, но имајќи во вид дека не постои унифициран и карактеристичен слоган преку кој може да се идентификува Охрид од страна на туристите, дел од истражувањето „Охрид – туристички бренд што ветува” беше насочено и кон тоа странците да бидат прашани „која парола според нив најдобро го опишува Охрид.” Беа понудени опции кои најчесто се сретнуваат и во официјални претставувања на Охрид и колоквијално.

Најголем процент или високи 42% од странските гости одговориле дека најдобар краток опис или „прекар” за Охрид е „Бисер на Балканот“, додека 24% од нив сметаат дека најмногу на Охрид би му одговарала паролата „Балкански Ерусалим“. Мал дел одговориле дека Охрид го препознаваат како „Лулка на културата“, додека најмалку од странците го идентификуваат како „Град на светлината“. Овие одговори покажуваат дека повеќе од 2/3 од гостите сметаат дека Охрид е симбол не само на Македонија туку и на Балканот, што би требало да се земе во вид при планирањето и организирањето на промотивните активности на нашиот најпознат туристички бренд.

Истражувањето, со поддршка од Локалната, беше направено од страна на Здружение Е КУЛ ТУР од Охрид, врз репрезентативен примерок од 111 испитаници, гости во повеќе хотели и приватни сместувања во градот.

Спаско Костоски