Спортската сала „Билјанини извори“од четвртокот е во мрак, откако поради неплатени долгови ЕВН ја исклучи струјата во охридската сала. Како што дознаваме струјата во салата била исклучена уште од средата но по интервенција била пуштена за натпреварот АМАК-Работнички, по што утредента во 9 ч. повторно била исклучена.

Поради немање електрична енергија викендов не се одигра првенствениот натпревар помеѓу „Билјана 006“ и „Водњански Лисици“, а под знак прашалник е и натпреварот АМАК-Соколи што треба да се одигра во среда.

Боро Павлоски, директор на ЈП „Охридски Комуналец“  кое стопанисува со салата, во изјава за Ohridnews, потврди дека салата „Билјанини извори“ нема струја. „Не е спорно дека имаме неплатен долг кон ЕВН за потрошена струја во салата, но тој долг не треба да се меша со долгот што јавното претпријатие го има по истиот основ, а кој Комуналец и покрај одредени потешкотии редовно го сервисира. Долгот на салата е од околу 300.000 денари, додека долгот на Комуналец е поголем но тој  се подмирува со компензација за извршени услуги кон подружницат на ЕВН во Охрид, вели Павлоски. За него чудно е што во целиот случај се вмешало јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти кое од ЕВН побарало да се исклучи струјата во спортската сала во Охрид. „Ние немаме ништо со јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти бидејќи имаме договор со локалната самоуправа за салата и тие работи деновиве ќе треба да ги разјасниме“, додава Павлоски.


мрак во спортската сала Билјанини извори

ЈП Охридски Комуналец спортската сала „Билјанини извори“ ја превзеде во 2005 година, но оттогаш наваму е во постојан конфликт со централната власт која тврди дека е  сопственик на салата која со самопридонес ја градеа охриѓани. Статусот на салата во Охрид која има милионски долгови уште од времето на изградбата сеуште не е дефиниран, а конфликтот на интереси и битката околу сопственоста помеѓу локалната и централната власт може сериознио да влијае на организацијата на претстојните големи натпреварувања што ќе се одржат во Охрид, Светското  првенство за кадетки во јуни 2008 година и сениорското Европско првенство во ракомет за жени во декември истата година.

Горан Момироски
Мирко Постоловски