Од 10 април со почеток во 16 часот во склоп на Македонската радио и телевизија со работа ќе започне спортскиот канал (МРТВ 3). Покрај спортскиот канал на националниот јавен сервис ќе има уште нови канали МТВ 2-24 часовен канал на албански јазик, МТВ 4-канал за останатите етнички заедници и документарна програмата и МТВ 5-специјализиран канал за детска програма.

Отварањето на новите телевизиски канали е реализација на најстратешката определба во програмата за работа на овој тим кој раководи со МРТ. Со пуштање во етер на новите канали очекуваме нашите гледачи да добијат можност за следење на поголем број на различни содржини што опфаќа повеќе целни групи. Во овој период можеби е најзначајно отворањето на детскиот канал каде што ќе понудиме повеќе образовна и едукативна програма за учениците. Исто така, со зголемување на обемот на програмата на албански јазик, како и каналот за останатите етнички заедници ќе се отвори можност што поголем број на програми да се емитуваат на јазиците на нашите верни гледачи. – информираат од МРТВ.

Новите телевизиски канали ќе бидат бесплатно достапни за сите граѓани во Македонија и тоа преку терестријалната мрежа како и преку платформите на сите оператори на програми. Гледачите кои ги следат програмите на Македонската радио телевизија преку кабелските оператори А1 и Телекабел, ќе можат да ги гледаат новите канали откако ќе ги прескенираат своите ТВ приемници или Сет-топ бокс уредите.

Корисниците на Македонски телеком, без никаква интервенција, ќе ја добијат можноста да го следат Детскиот канал – МРТ 5 и Спортско-забавниот канал МРТ 3 во СД резолуција на каналите 6 и на 8, а во ХД резолуција на каналите 711 и 712. За редоследот на останатите два телевизиски канали јавноста дополнително ќе биде известена.

Гледачите кои ги следат програмите на Македонската радио телевизија преку DVB-T мрежата на ЈП МРД (односно го примаат сигналот со антена), за да ги гледаат новите канали на МРТ, треба да ги прескенираат програмите на своите ТВ приемници или на Сет-топ бокс уредите.

OhridNews