Република Србија ќе испрати помош од најмалку 8.000 вакцини од Фајзер, соопшти денеска перемиерот Зоран Заев пред Граѓанскиот суд во Скопје по рочиштето со новинарот Зоран Божиновски.

Понудената помош од Република Србија од претседателот Александар Вучиќ ја прифативме. Денеска разговарав со него, тие прифатија да ни помогнат, а деталите ќе ги утврдиме во текот на денот, она што можеа да го потврдат е 8.000 вакцини од Фајзер, а за другите треба да проверат во договорите дали смеат да донираат и од нив, истакна Заев.

Тој во името на македонскиот народ изрази благодарност до претседателот на Србија Александар Вучиќ, до Владата и до српскиот народ за пријателскиот чин на солидарност и информираше дека Вучиќ понудил вакцините да ги донира.

Вучиќ понуди донација, но ние ќе си ги платиме бидејќи имаме обезбедено средства за тоа, по што ни беше кажано дека вакцините ќе ни ги дадат по набавна цена, односно по цената која Србија ги набавила вакцините, појасни Заев.

Премиерот информираше дека деталите за вакцините од Србија ќе ги договараат министерите за здравство, и дека тој денеска ќе има разговор со премиерката Брнабиќ за транспортот и регистрацијата на лекот кој се утврдува од соодветните агенции за лекови на двете земји.

Заев информираше дека во последната недела бараат помош и поддршка и од други земји за, како што рече, да ни дадат помош за да можеме да почнеме додека не стигнат првите 5.850 вакцини во февруари.

Првите вакцини кои ќе пристигнат во нашата земја, премиерот Заев рече дека се за здравствените работници кои работат во ковид центрите, а потоа за ризичните групи на граѓани со хронични болести, возрасните, за членовите од семејствата кои изгубиле човек од Ковид-19 и други.

OhridNews