Балканскиот рис не познава граници, потребна е посилна институционална поддршка и интензивирање на прекуграничната соработка со Албанија и Косово, со оглед на тоа што дел од популацијата на балканскиот рис се движи и надвор од границите, беше посочено на работната средба на министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа со претставници на Македонско еколошко друштво, Робертина Брајаноска и Диме Меловски.

Министерот Хоџа ја истакна определбата на институцијата за продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор и релевантните партнери, со цел поефикасна заштита на биодиверзитетот и одржливо управување со природните ресурси, инфомираат од Министерството.
Дека е потребна поголема заштита укажува и случајот минатиот месец кај превојот Буково кога беше пронајдена угината женска единка од Балкански рис за која по извршената обдукција беше посочено дека била удрена од возило. Од МЕД тогаш посочија дека овој настанот повторно ја актуелизира потребата од системско вградување на т.н. „зелена инфраструктура“ во идното просторно и сообраќајно планирање.
Инаку, Балканскиот рис е многу редок подвид на Европскиот рис кој претежно живее на просторите на Македонија, Косово и Албанија. Се проценува дека се останати само 40 до 50 единки Балкански рис.
OhridNews












