Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Вилата Билјана , ја прими делегацијата од Народна Република Кина, предводена од г. Веј Хонг, Заменик началник на провинцијата Сичуан.

На средбата со кинеската делегација, која престојува во работна посета на Република Македонија, беше изразено задоволство од постојаниот позитивен тренд во политичките односи меѓу двете земји и од соработката во сферата на економијата, трговијата и инвестициите.


Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија посветува особено внимание на развојот на односите со НР Кина и ја цени нејзината мирољубива надворешна политика и позитивна улога во Азија и во светот. Воедно, македонскиот претседател се заблагодари за безусловната поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и унитарност на Република Македонија, а посебно за принципиелната употреба на уставното име во билатералните односи и на меѓународен план.

Во однос на економијата, претседателот Иванов ја потврди подготвеноста на Република Македонија за унапредување и интензивирање на економските односи, засилување на економската соработка, зголемување на трговската размена и соработка на полето на инвестициите.


„Народна Република Кина е една од целните земји од кои се очекуваат инвестиции, особено во сферите на земјоделството, образованието и науката, во тутунската индустрија, како и во енергетиката и инфраструктурата. Верувам дека по вашата посета ќе се појават нови можности за соработка кои ќе вродат со конкретни договори во интерес на двете земји,” истакна на средбата македонскиот претседател.

Во овој контекст,  претседателот Иванов се заблагодари и за континуираната техничка помош и грантови од НР Кина,  за проекти во областа на образованието и здравството. 


Соговорниците констатираа дека континуираниот политички дијалог на највисоко ниво, придонесува кон уште поголемо унапредување и продлабочување на билатералната соработка.

OhridNews