Денеска напладне во Прличевата одаја во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе се одржи средба посветена на животот и творештвото на нашиот колега и писател Тоде Илиевски. За животот и творештвото на Илиевски ќе беседат: Мирко Томовски, Славе Ѓорѓо Димоски, Милчо Јованоски и Наум Трајчески од Квинбијан – Австралија.

Ако физички денес беше меѓу нас Илиевски ќе го славеше 70 роденден, но не успеа да се избори против короната таа за него беше кобна. Почина на 29 јануари, годинава. Песни од покојниот Илиевски ќе читаат Весна Симоноска и Елизабета Бојчевска, велат од Библиотеката.

Тоде Илевски е поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист. Toj е роден 1952 година во село Мраморец. Гимназија завршил во Охрид, а Филолошки факултет во Скопје.

Автор е на книгите „Ведро едро” – поезија за деца, 1990 и „Концерт за шумите” – поезија,1992 г. „Изворите во горите” поезија за деца . 1999 г. „Зелен блен” – поезија, 2001 г. „Лов на Лебедовото Езеро“ – поезија 2008 г. „Приватните библиотеки во Охрид и Охридско“, ко-авторство со Виолета Мартиновска .„Липов чај” – поезија за деца, 2008 г. „Ќерката на поетот“ поезија, 2011 г. и „Јатките на загатките“ 2017 г.

Членувал во редакциите на „Јужен бран”, „Спизалит“ и „ Радосна вест”. Одделни песни му се препеани на други јазици. Тој преведува од словенските јазици. Објавил преку 9000 енигматски состави, претежно анаграми, палиндроми и ребуси.Најголемиот дел е публикуван во „Котелец” (рубриката „Пегаз“, а помалиот дел во хрватски и српски енигматски списанија. Застапен е во „Лексиконот на енигматичарите на Југославија“. (Бјеловар 1979) „Мал енигматски датумар” (Бјеловар 1983), како и во разни избори во енигматските списанија.

Објавил околу 450 шаховски проблеми во бројни специјализирани списанија за шах во 20 земји. Застапен е во Антологијата на македонскиот проблемски шах и во светската антологија „Албум ФИДЕ”.

Тоде Илиевски уште од гимназиските денови учествувал и бил наградуван на литературни конкурси во Македонија (1970 – 1975) и на Фестивалот на југословенската поезија на младите (два пати избран меѓу 500 учесници) во некогашен Титов Врбас 1971. 72 г. Добитник е на Повелба на Св. Климент (за творештво, 2002 г.). Награда на Празникот на липите за песна во 2003 и 2006 г. Награда на фестивалот „Славјанска прегратка” – Варна, 2008 г. Награда на издавачката куќа „Феникс” за кус расказ, 2008 г. Награда „ Ванчо Николески” за најдобра книга за деца за 2009 г. и Награда „Игнација” на Балканскиот поетски фестивал „ Розите на Елбасан” – 2010 г.

Член на ДПМ беше од 1994 година. Живееше и твореше во Охрид. Еден период беше прв човек на Радио Дебар, од 2007 до 2011 г. беше директор на НУ . Библиотека „Григор Прличев” – Охрид од каде во 2019 г. и се пензионира, велат од Библиотеката.

OhridNews