Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со помошникот државен секретар за европски прашања на Стејт Департментот на САД, Вес Мичел.

-Нагласив дека Република Македонија останува и понатаму посветена на градењето партнерство со САД, врз основа на споделувањето на заедничките вредности како што се демократијата, владеењето на правото, пазарната економија и кохезијата на различностите на македонското општество, но и во однос на регионалната соработка на безбедносен и на секој друг план. – изјави премиерот Заев. 

Премиерот Заев додаде дека го информирал Мичел за чекорите на Македонија и земјите од Западниот Балкан, за надминување на застарените стереотипи и политики и за јасната определба за воспоставување односи на пријателство и соработка од интерес на граѓаните и во име на иднината на регионот. 

„Временски и стратешки, ова се совпаѓа и со нашата друга главна цел: Република Македонија како 30-та членка на НАТО“. Отворената покана за нашата земја да ја затвориме со полноправно членство во алијансата на самитот на НАТО во јули,“ потенцираше премиерот Заев.

Во разговорите со американскиот Помошник државен секретар за европски прашања, за најновите моменти на разговорите за проблемот што нашиот сосед Грција го има со нашето уставно име, премиерот Заев, го изразил своето лично уверување дека е отпочната финалната фаза која на крајот ќе донесе достоинствено решение на ова прашање.

Помошникот државен секретар за европски прашања на Стејт Департментот на САД, Вес Мичел, кому ова му е прва посета на Македонија по неговото назначување на функцијата, ја повтори поддршката која САД ја даваат за дијалогот меѓу Македонија и Грција во решавањето на спорот, оценувајќи дека преговорите никогаш не биле на подобро ниво.

Тој подвлече дека вратите на НАТО се отворени за Македонија и истовремено ја истакна улогата на нашата земја во придонесувањето за мисиите на НАТО во светот.

Американскиот Помошник секретар за европски прашања Мичел, додаде дека САД останува јасно посветена на поканата упатена во 2008 година за членство на Македонија во НАТО, додавајќи дека со Владата на РМ ќе работи за остварување на тие цели, како стратешки партнери кои ќе продолжат и со зајакнување на економските врски.

OhridNews