Завршија разговорите меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас за името во Њујорк, решение се уште не е постигнато, потврди медијаторот Нимиц, објави телевизија „Телма“.

„Се уште немаме конечна разрешница на прашањата, но двете страни се решени да го направат потребното за да се постигне договор и напорно работат за да го постигнат тоа. Двајцата министри одат во Брисел каде ќе ги продолжат преговорите. Овие разговори се значително интензивирани. Како што реков и двете страни имаат интереси, национални интереси се во прашање, но ја препознаваат важноста од постигнувањето договор и се одлучни да го направат тоа“, изјави медијаторот по средбата.

Пред денешното продолжување на разговорите во седиштето на ООН, Коѕијас за грчките медиуми изјави дека преговорите се поделени на два дела кои ќе се одвиваат паралелно во процесот. Првиот дел се фокусира на политички прашања и во него се вклучени дискусиите меѓу министерите водени од Нимиц, додека вториот дел ги опфаќа техничките прашања како содржината на самиот договор и правните проблеми кои можат од него да произлезат а преговорите во овој дел ќе се одвиваат на технократско ниво.

„Страните многу добро се познаваат, министрите редовно разговараат, двајцата премиери се познаваат, така да ќе пронајдат начин да се придвижат напред“, рече Нимиц.

Според грчките медиуми од пакетот на Нимиц отпаднале две имиња, „Северна Македонија“ – кое го одбил Димитров и „Нова Македонија“ – кое го одбил Коѕијас. По европскиот самит во Софија и средбата меѓу премиерите Заев и Ципрас „Илинденска Македонија“ се појави како опција. Во Грција Ципрас се соочува со критики дека попуштил во преговорите, но грчкиот премиер тврди дека целта на Атина во процесот е да го врати тоа што и било одземено пред 70 години.

„Се наоѓаме во преговори кои што се чувствителни, критични, направени се чекори напред. Ние одиме напред бранејќи една национална позиција и кога веќе се наоѓам во Солун, во Македонија, сакам да кажам, затоа што слушам некои што велат не го давајте името. Ние тука се стремиме да добиеме нешто назад, а не да дадеме нешто. Да земеме нешто што веќе 70 години е дадено, од други, не од нас“, рече грчкиот премиер.

По осумчасовните разговори во Њујорк, според изјавата на медијаторот Нимиц преговорите продолжуваат во Брисел, но се уште нема најава кога ќе се одржи таа средбата.

извор: Телма