Министерството за образование и наука наместо да го реши статусот на вработените во образованието со договор на определено време, го користи СОНК како свој синдикат, за прикривање на својата неспособност за решавање на проблемите во образованието, обвини Сојузот на синдикатите на Македонија.

На прес конференцијата што денеска се одржа во Охрид, портпаролот на ССМ, Милан Живковиќ, побара оставка од министерот за образование Никола Тодоров, бидејќи како што рече, не покажува способност да ги реши проблемите  на вработените во образованието.

– Министерот за обрзование и наука не ја  испочитува одлуката на претседателот на Владата да отпочне преговори со Мултиетничкиот синдикат за образование за решавање на судбината  на околу 7000 вработени во образованието. Знаејќи го сето ова ССМ бара министерот Тодоров да поднесе оставка, бидејќи очигледно е дека тој не може да ги исполни барањата што ги носи неговата функција. Затоа бараме тој целосно да сноси одговорност за својот неуспех, рече Живковиќ.

Милан Живковиќ


Портпаролот на ССМ го обвини и СОНК дека му служи на интересите на Владата, посочувајќи дека синдикалниот лидер Цветаноски не работи во интерес на работниците.

– Единствено што министерот Тодоров прави во медиумите е тоа што ги кара градоначалниците и се слика со Дојчин Цветаноски најавувајќи дека ќе ги реши проблемите на вработените. Но, тие вработени можеме да кажеме дека не се вработени затоа што не им беа продолжени договорите на скоро 700 вработени во образованието. Исто така ветувањата на СОНК дека до 30-ти септември ќе им се решат проблемите на вработените во образованието е шминка за јавноста и прикривање на неспособноста, рече Живковиќ.

Тој ја посочи општина Охрид е единствен позитивен пример  во земјата, каде им се продолжени договорите на сите вработени на определено време и најави дека преку регионалните канцеларии се преземаат активности истото да биде направено и во останатите општини.

Според Живковиќ спогодбата што минатата година СОНК ја потпиша со Владата, е целосна фарса, затоа што сеуште не им е решен статусот на вработените на определено време, и ги повика тие своите права да ги остварат преку ССМ.

Г.М.