Љубителите на театарската уметност во недела, 3-ти јуни, Во Центарот за култура „Григор Прличев“, премиерно ќе може да ја погледнат новата претстава на охридскиот народен театар „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Софија Ристевска.
Стаклена менажерија“ е претстава за комплексите, несигурноста и суровоста на современиот човек, кој сосема ја загубил солидарноста и сочувството кон послабиот. Во ова време на либерален капитализам, хуманоста полека исчезнува. Стаклена менажерија е емоционално патување низ комплексноста на семејните односи. Претставата е болен крик за големата неспособност на човекот да љуби, вели режисерката Ристевска. Тоа е претстава која треба да поттикне размислување за статусот на послабите во општеството во кое живееме денес, додаде таа.
– Денес послабиот од нас го нема никаде, нашето општество не се грижи за не толку силниот, за луѓето со посебни потреби, за луѓето кои не се толку моќни да се лактаат во оваа општествена игра во која ние денес живееме. Претставата зборува за доминантноста на посилниот и слабоста на оној кој не е моќен да се бори. Сите жени на овој свет се подеднакво важни и потискањето на жената, на послабиот пол, е нешто што треба да го избегнуваме. Иако е 21 век на Балканот ние живееме во крајно сексистичко општество во кое мажите се уште раководат и оваа претстава е повик за размислување дека послабиот од нас, жената, треба да се почитува. – истакна Ристевска.
Во претставата играат: Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Филип Кипровски, како и уште еден актер кој, како што беше истакнато на денешната прес конференција е изненадување за публиката.
-Прв пат режирам претстава во Народниот театар Охрид од кога тој официјално е формиран, но многу добро ја познавам оваа екипа со која имам соработувано претходно. Тоа е одличен млад актерски состав со кој е задоволство да се работи. – истакна режисерката Ристевска.
Овој текст на американскиот автор Тенеси Вилијамс за прв пат се изведува кај нас. Претставата има уникатна кореографија и специјални движења кои ги подготви кореографот Кире Миладиноски. Сценографијата е на Михаел Димитровски, костимограф е Андреј Ѓорѓиевски а фотографијата и дизајнот се на Петар Тасевски.
-Оваа претстава е многу поинаква. Успеавме на задоволство на целата екипа да направиме една мошне интересна претстава којашто мислам дека ќе понуди нешто поразлично, бидејќи и самата публика во Охрид го бара тоа од нас, и се надевам дека „Стаклена Менажерија“ ќе ги исполни очекувањата. Тотално сме во друго светло од она што сме навикнати да не гледаат до сега и се надевам дека така храбро ќе продолжиме и во идните проекти оваа година. – рече актерот Никола Тодоровски, додавајќи дека е чест да се работи со режисерката Ристевска.
Претставата „Стаклена Менажерија“ на Народниот театар Охрид ќе биде изведена и на 58-то издание на фестивалот Охридско лето на 13 јули.
-Сметам дека секоја премиера на Охридскиот народен театар треба да биде изведена на фестивалот „Охридско лето“. Ова е 25 премиера на нашиот театар кој е меѓу најмладите во земјата. До крајот на годината ќе следат уште две премиери „Каде е пиштолот господа“ од унгарскиот автор Габор Ѓорѓи во режија на Деана Николовска, која е планирана за крајот на септември и популарното дело од Џорџ Орвел „1984“ во режија на Ирена Стерјоска чија премиера е планирана пред крајот на годината. – најави директорот на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Стрезо Стаматовски.
Покрај премиерата во недела, претставата „Стаклена менажерија“ публиката ќе може да ја погледне претпремиерно во сабота 2 јуни со почеток во 20 часот.
Билети по цена од 200 денари можат да се набават на билетарницата при центарот за култура во Охрид.
Г.М.
















