Приватните станоиздавачи од Охрид се жалат на слабата туристичка сезона, што според нив се должи на бројните проблеми во градот, предизвикани од преголемата урбанизација.
-Неконтролираната урбанизација во Охрид не доведе во ситуација ние да не можеме да ги издаваме нашите станови иако редовно плаќаме такси и други давачки и уредно сме пријавени. Кога ги нудиме нашите сместувачки капацитети туристите ни велат дека имаат сместување кај роднини и слично. Со преголемата урбанизација се доведовме во ситуација сопствениците на станови од другите градови да станат станоиздавачи кои ги издаваат своите станови на црно, а ние како регистрирани станоиздаватели не можеме да си го извадиме парчето леб, изјави Зоран Зафироски, претставник на група приватни станоиздавачи, која денеска јавно го изрази својот револт од состојбите во охридскиот туризам.

Тој исто така, како сериозен проблем кој негативно се одразува на приватното сместување го истакна паркирањето и новиот режим кој од ова лето е на сила во центарот на градот.
-Живеам во центарот. Со паркинзите што ги направија добивам една картичка за моето возило, додека за туристите немам и тие што ќе дојдат кај мене со автомобил нема каде да паркираат и си одат, вели Зафироски.

Поддршка станоиздавачите добија од пратеникот Александар Николоски, кој ја посочи Локалната самоуправа за директен виновник што од година во година се намалува бројот на туристи во приватното сместување.
На Охрид му се случува негативна кампања со несериозни изјави кои што имаат далекусежно влијание на сите коишто сакаат да го посетат градот. Втор проблем е масовната урбанизација за што зборуваме со години и имаме јасен негативен став во советот. Таа го направи своето, а тоа е илјадниците станови кои што се изградија во Охрид значат илјадници туристи помалку. Градот е навидум полн, но туристичките капацитети во приватниот сектор се празни, а единствена светла точка се странските туристи кои доаѓаат благодарение на субвенциите коишто ги понуди  владата, но тие престојуваат во главно во хотелите, рече Николоски.

Пратеникот Николоски посочи дека сезоната во Охрид се намалалува од година во година, што ќе резултира со проблеми затоа што сместувачките капацитети на околу 10.000 охриѓани кои живеат од туризмот се празни.
-Тие ја чекаат сезоната да зарабатот некој денар за остатокот од годината бидејќи во времето на транзицијата Бранко Црвенковски и неговата екипа го уништија целото стопанство во Охрид, вели Николоски. Тој го повика раководството на СДСМ за време на митингот најавен на 29 јули согласно воспоставената пракса да спијат кај станоиздавачите во Охрид и да им објаснат зошто становите им се  празни, зошто паркинг место чини 50 денари и доколку не се плати доаѓа некој да ве истепа, зошто се градат илјадници станови секоја година и кој профитира од тоа, зошто наместо згради не се градат хотели кои ќе отворат нови работни места и зошто водат погубна политика кон Охрид?

Од Секторот за туризам и локален економски развој, ги отфрлаат изнесените обвинувања, посочувајќе дека истите се политички мотивирани.
-Причина доколку има помалку гости кај приватните станоиздавачи е катастрофалната економска состојба во која се наоѓаат граѓаните во Република Македонија и дека е премногу тешко да издвојат од семејниот буџет барем 100 евра за да дојдат во Охрид, изјави Гоце Симоноски, раководител на ТЛЕР.

Тој истакна дека општината континуирано прави напори за туристичка промоција на Охрид и подобрување на услугите, особено во сместувачкиот сектор.
-Во Охрид имаме регистрирано 2000 станоиздавачи од мал обем кои се категоризирани и се што е неопходно за нивна промоција во рамки на нашите можности  е направено. Поставени се инфо-центри каде е инсталирана нова програма  со која станоиздавачите можат бесплатно да се самопромовираат и ги користиме сите современи начини на промоција, додаде Симоноски.

Што се однесува до таканаречените диви чекачи на туристи кои со години претставуваат лоша слика за градот и нелојална конкуренција, Симоноски смета дека тоа е последица од несоодветнен закон за туризам, поради што општината до владата испратила предлог за измени кои опфаќаат формирање туристичка полиција која ќе ги обедини надлежните институции, што пак ќе придонесе за поефикасно справување со проблемите во туризмот.
OhridNews