Староградскиот мелос синоќа по 21-ви пат одекна во Центарот за култура „Григор Прличев“. Ансамблите „Ахрида“ и „Охридски девојки“ од Охрид, „Танец“ – Скопје, „Персиди“ – Ресен, „Делчевски еснафи“ – Делчево, октет „Прилеп“, староградскиот тамбурашки оркестар „Кратовчани“ – Кратово, ансамблот „Распеани Гевгеличани“ и групата „Чалгија саунд систем“ зедоа учество на „Охридските староградски средби – 2009“. Деспина, Бог да бие Русе, Промени се Суте накити се…и многу други убави изворни песни за момент не  вратија во минатото кога староградската песна беше препознатлив белег на Охрид.


Фестивалот кој финансиски го поддржа Министерството за култура, го отвори директорката на Центарот за култура, Драгана Боцеска, а публицистот и хроничар Владо Жура се осврна на историјата на охридската староградска песна.


– Ние Македонците немаме пирамиди и свинги, нашата татковина не е украсена со палати и споменици но има нешто што ниту вековите, ниту природните стихии, ниту демонската рака на душманите и насилниците не можат да го разурнат, таа нескршлива сила е изразена во единствениот паметник – народната песна, најценето богатство што ни останува од минатото на Македонецот сочувано до ден денес, истакна Жура.


„Охридските староградски песни“ востановени во 1974 година, непрекинато постоеја до 1994 година. Со обновувањето во 2008 година продолжува животот на постојните состави што го негуваат староградскиот мелос и отворена е можност за формирање нови групи и ансамбли.

Ohridnews