Кога за прв пат слушнав дека се предлага да се смени името на Спортско рекреативниот центар Билјанини Извори си помислив дека сето тоа е кажано во наплив на емоции и дека со време ќе се смират страстите, ќе преовлада разумот и се ќе си остане како што е, што се однесува до името. СРЦ Билјанини Извори е бренд и како таков спрема него треба да се однесуваме. Билјанини извори се симбол на градот, по нив сите го препознаваат Охрид а со тоа и Спортско рекреативниот центар . Да се ребрендира еден спортски субјект во кој што поминале илјадници спортисти, стотици екипи, се одржале десетици и десетици концерт, спортски настани како од национален така од меѓународен карактер се потребни многу анализи во кои треба да бидат вклучени многу чинители (вработени, институции, спортски работници, спонзори, ПР агенции ).Билјанини Извори за да го замените со друго име треба да имате аргументи поткрепени со факти кои ќе го оправдаат тој чекор. Не смеете со име на еден охридски спортски великан да замените име на Спортски центар кој бил дом на многу охридски спортски великани и кој претставува многу повеќе од тоа и на таков начин  да ја избришете децениската историја на еден субјект.

За жал почитувани сограѓани, “нашите” Советници го кажаа својот став и на седницата на советот во петок (28. 01 2011 год. ) едногласно го променија името на Спортско рекреативниот центар Билјанини Извори. Она што најмногу ме навреди како вработен во ЈП Билјанини Извори, правен субјект кој раководи со СРЦ Билјанини Извори, а верувам и сите мои колеги, посебно тие кои што се со децении дел од СРЦ Билјанини Извори е тоа што во ниту еден момент никој од советниците не се консултираше со нас за оваа одлука.

Почитувани Советници вашата одлука да се ребрендира Спортско рекреативниот центар ја усложнува финансиската состојба на ЈП Билјанини Извори, бидејќи ако не сте знаеле секое ребрендирање ( промена на името на СРЦ Билјанини Извори ) бара дополнителни финансиски средства.

Почитувани советници, Спортско рекреативниот центар засекогаш ќе остане Спортско рекреативен центар Билјанини Извори, не поради тоа што нема да се почитува името на великанот, туку поради тоа што историјата не можете да ја избришете со една одлука и за пет минути.

Почитувани Советници заложете се да се изгради толку посакуваниот пливачки базен и именувајте го Атина Бојаџи  и верувајте на најдостоен начин ќе и оддадете почит за сето она што го има направено за пливањето и за градот Охрид.

Иван Цветкоски
Вработен во ЈП Билјанини Извори