Колективниот имунитет во здравствена терминологија (како што прочитав) претставува облик на индиректна заштита од некоја заразна болест кога поголемиот дел на популацијата постанува имуна на инфекција, вирус и на таков начин ги заштитуваат поединците кои не се имуни.

Во општествена смисла според мене Колективниот имунитет за една нација претставува стратегија, визија, начин на живот, навика, традиција. Во ова насока а по повод сегашната ситуација и нашата иднината која во голема мера е непредвидлива и за која треба да се подготвуваме застанав пред компјутер и почнав да пишувам за тоа како јас гледам на Колективниот имунитет кој многупати го споменувавме месециве.

Колективниот имунитет не се стекнува преку ноќ тој се гради ден за ден и вклучува ресурси кои опфаќаат многу сектори како образовни, спортски, сообраќајни, човечки, финансиски, здравствени. Колективниот имунитет е стратегија која ние час поскоро мора да ја имаме, не само заради можни идни исти сценарија како сегашново, туку заради самите нас и нашиот поквалитетен и подолговечен живот.

Стартот за нашиот Колективен имунитет е клетката која во овој случај претставува фамилијата, родителите и децата. Ние како родители имаме голема одговорност пред сегашните и идни генерации и доколку сакаме да сме патриоти на нашето време и на нашата нација треба силно да се насочиме кон промената на нашите навики како во делот на социјално внимание така и во делот на здравствено-спортските активности и начинот на исхрана.

Образованието и едукацијата почнувајќи од градинките до највозрасните имаат клучна улога во градењето на темелите на Колективниот имунитет и поради тоа државата мора силно да се насочи кон промената на целокупниот образовен систем и при тоа да створи алатки (наставни, спортски, социјални) кои секојдневно ќе придонесуваат и ќе помагаат во насока на новата колективна перцепција за нашиот секојдневен живот.

Со стекнувањето на Колективен имунитет или во превод како би рекле градење на здрава нација, пред се стануваме имуни на модерните денешни предизвици пред кои “малите” нации и држави се соочуваат и тоа за нас значи опстанок, продуктивност, напредок, сплотеност, колективитет и пред се иднина. Градењето Колективен имунитет или здрава нација за државата ќе значи и заштеди (фонд за здравство), чиста животна средина, развој, туризам кои дополнително ќе придонесуваат кон растот на ќесето на државата и на таков начин ќе имаме можности за уште поголемо инвестирање во спортот, образованието, здравството, туризмот, инфраструктурата.

Би сакал да верувам дека ова наше искуство како генерации ќе го искористиме за да научиме дека мора навиките и приоритетите да ги менуваме зошто за Колективен имунитет сите сме одговорни. Би сакал да верувам дека минатите три месеци ќе придонесат кон будење пред се на научните, државните и спортски институции како Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, МАНУ, Биро за развој на образованието, Македонски Олимписки Комитет, Агенција за млади и спорт, Министерство за здравство и без политиканство ќе започнат да градат стратегија за Колективен имунитет која ќе препознава само и само интерес на граѓаните и државата.

Би сакал да верувам дека општините ќе ја искористат оваа експанзија на желбата за движење на граѓаните, рекреацијата, дружењето со природата како и поголемото внимание кон индивидуата и ќе се фокусираат кон овозможувањето на што поголем број на пешачки зони, велосипедски зони, планински зони, здрава храна, училишен спорт и многу други и други потребни активности и пред се одлуки.

Иван Цветкоски
Спортски работник

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите